Во своето излагање, Исак Херцог изјави дека милијарди долари се трошат за дестабилизација на светот и го обвини Иран дека финансира посредници низ целиот регион за да го поткопа секој мировен процес. Херцог го започна својот говор велејќи им на делегатите од Давос дека „светот на Израел беше уништен на 7 октомври од нападите на Хамас“
Израелскиот претседател на конференцијата во Давос рече дека постои „царство на злото“ кое потекнува од Техеран со кое мора да се соочи многу силна коалиција и дека населението во Газа е „вкопано во мрежа на терор“, пренесува „Гардијан“.
Во своето излагање, Исак Херцог изјави дека милијарди долари се трошат за дестабилизација на светот и го обвини Иран дека финансира посредници низ целиот регион за да го поткопа секој мировен процес. Херцог го започна својот говор велејќи им на делегатите од Давос дека „светот на Израел беше уништен на 7 октомври од нападите на Хамас“.
Тој рече дека Израелците претрпеле злосторства, вклучувајќи силување, обезглавување, палење семејства. Тој го наведе примерот на Кфир Бибас, кој денеска одбележува една година во заробеништво на Хамас, откако тој, неговиот четиригодишен брат Ариел и родителите Јарден и Шири Бибас биле земени како заложници.

Херцог рече дека ги повикал присутните во Давос, и навистина „целиот универзум“, да работат бескрајно за ослободување на сите заложници. Најстариот заложник има 85 години, додаде тој.
Херцог рече дека сака подобра иднина за Палестинците, нарекувајќи ги „соседи“.
Од 7 октомври, палестинските власти соопштија дека речиси 25 000 Палестинци се убиени во израелската воена акција во Појасот Газа, а повеќе од 350 се убиени во истиот период на Западниот Брег, кој Израел го окупира од 1967 година. Се проценува дека 1,9 милиони луѓе, или речиси 85 отсто од населението на Газа, биле внатрешно раселени откако израелската војска почнала да наредува евакуација.
Херцог рече дека израелските граѓани не можат да размислуваат за мировен договор бидејќи сите сакаат да знаат дали може да им се вети безбедност. Секој Израелец сака да знае дека нема да биде нападнат од север, југ или исток, додаде тој.
Херцог рече дека со години повикува на мир со соседите на Израел, но дека теророт не може да се прифати и мора целосно да се запре.
Во својот случај против Израел пред Меѓународниот суд на правдата, Јужна Африка го наведе Херцог како претседател кој „ги потпишува бомбите наменети за Газа“ и дека тој претходно изјавил дека целото население на Газа е одговорно за нападот на 7 октомври.
Херцог утрово во Давос изјави дека луѓето кои го поддржуваат Хамас поддржуваат варварски терор. Потоа зборуваше за инфраструктурата на Хамас за која Израел тврди дека ја нашол во продавници, дневни соби, спални и училишта во Газа.
„Се грижиме, нè боли што нашите соседи толку многу страдаат“,
рече тој, додавајќи дека Палестинците се вкопани во „терористичка мрежа“ што Израел е решен да ја елиминира.