Во меѓувреме, висок функционер на Хамас изјави дека групата повеќе не е заинтересирана за преговори за примирје со Израел и ја повика меѓународната заедница да ја запре „војната на гладот“ на Израел против Газа
Израелскиот министер за наследство, ултрадесничарот Амихај Елијаху, повика на бомбардирање на складиштата за храна во Газа во интервју за Канал 7, објави „Ерусалим пост“.

„Тие мора да гладуваат. Ако има цивили кои се плашат за своите животи, треба да поминат низ план за емиграција. Штом им стане тешко, ќе биде тешко и за Хамас. Немам проблем со бомбардирањето на резервите за гориво и храна на Хамас“,
рече Елијаху кој во ноември 2023 година кажа дека фрлањето атомска бомба е една од опциите зашто во Газа нема невини и дека Палестинците ако сакаат можат да одат во Ирска или во пустини.
Во меѓувреме, висок функционер на Хамас изјави дека групата повеќе не е заинтересирана за преговори за примирје со Израел и ја повика меѓународната заедница да ја запре „војната на гладот“ на Израел против Газа.
„Нема смисла да се водат преговори или да се разгледуваат нови предлози за прекин на огнот сè додека војната на гладот и истребувањето продолжува во Појасот Газа“,
изјави Басем Наим за АФП.
Тој додаде дека светот мора да изврши притисок врз владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да ги прекине „злосторствата на глад, жед и убиства“ во Газа.
Наим, член на политичкото биро на Хамас и поранешен министер за здравство во Газа, ги даде коментарите еден ден откако израелската војска изјави дека проширената операција во Газа ќе вклучува раселување на „мнозинството“ од нејзиното население.
Истиот ден, Израел, исто така, објави дека кабинетот за безбедност на земјата го одобрил планот на војската за проширената операција, за која израелски функционер рече дека ќе вклучува „освојување на Појасот Газа и држење на територијата“.
Речиси сите жители на територијата се раселени, честопати повеќекратно, од почетокот на војната, која започна со напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година.
Газа е под целосна израелска блокада од 2 март и се соочува со тешка хуманитарна криза. Израелската војска ја продолжи својата офанзива во Појасот Газа на 18 март, со што заврши двемесечното примирје.