Израелските медиуми го поврзаа ваквиот потег со критиките што покојниот папа Франциск ги упати кон раководството на еврејската држава поради војната во Газа
Израелската влада сподели, а потоа избриша објава со сочувство на социјалните мрежи за смртта на папата Франциск, без да ја наведе причината за тоа, јавија денеска британските медиуми.
Израелските медиуми го поврзаа ваквиот потег со критиките што покојниот папа Франциск ги упати кон раководството на еврејската држава поради војната во Газа.
„Јерусалим пост“ цитираше претставници во израелското Министерство за надворешни работи, кои во изјава за весникот рекле дека папата давал изјави против Израел и дека сочувството било објавено на социјалните мрежи по грешка.
Папата Франциск (88), кој почина во понеделникот, во ноември минатата година предложи светската заедница да истражи дали израелската воена кампања во Газа е геноцид врз Палестинците, во некои од неговите најексплицитни критики за однесувањето на Израел во војната со Хамас што започна во октомври 2023 година.
Папата, исто така, во јануари хуманитарната ситуација во Газа ја нарече „срамна“ и предизвика критики од главниот еврејски рабин во Рим кој го обвини папата Франциск за „селективна огорченост“.