Нашата мисија во следните 24 часа е да ги евакуираме сите жители околу Газа. Десетици илјади војници се распоредени во таа зона и ние ќе стигнеме до сите сектори, еден по еден, додека не го убиеме секој терорист присутен во Израел, вели портпаролот на израелската армија

На израелските војници им е наредено во рок од 24 часа да ги евакуираат сите жители од израелските зони околу Појасот Газа, каде што се водат битки за ослободување на заложниците, изјави портпаролот на израелската армија Даниел Хагари.
„Нашата мисија во следните 24 часа е да ги евакуираме сите жители околу Газа. Десетици илјади војници се распоредени во таа зона и ние ќе стигнеме до сите сектори, еден по еден, додека не го убиеме секој терорист присутен во Израел“,
рече Хагари на прес-конференција, еден ден откако палестинскиот Хамас започна офанзива против Израел.
Хагари информира и дека „стотици терористи“ се убиени, а десетици заробени во текот на борбите со милитантите на Хамас во Газа и јужен Израел.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија дека повеќе од 400 палестински милитанти биле убиени во јужен Израел и во Појасот Газа, а стотици други биле заробени.
„Во овој момент има борби во Кфар Азa. Нашите сили се во сите градови, нема град каде што не се нашите војници“,
изјави портпаролот Хагари.
Портпаролот на израелската армија Даниел Хагари вели дека приоритетите сега се да се прекинат борбите во израелските заедници и да се контролира оградата што ги дели Газа и Израел.
„Израел се бори со милитантите на југот и изведува воздушни напади низ Газа“,
вели тој.
Медиумите во Израел, повикувајќи се на официјални претставници на спасувачката служба, објавија дека загинале најмалку 300 Израелци, од кои 26 војници, а повеќе од 1 800 се ранети. Израелската војска соопшти дека значителен број цивили и војници се држат како заложници во Газа.
Палестинското Министерство за здравство денеска соопшти дека најмалку 313 Палестинци се убиени, меѓу кои 20 деца, а речиси 2 000 се ранети како резултат на вчерашните израелски воздушни напади во Газа.