Британските медиуми јавуваат дека во Осло ќе се сретнат катарскиот премиер Мохамед бин Абдулрахман ал Тани и директорот на израелската разузнавачка служба Мосад, Давид Барни
Израелски и катарски претставници денеска во главниот град на Норвешка, Осло ќе се сретнат во обид да ги обноват разговорите за ослободување на заложниците од Газа, во замена за прекин на огнот и ослободување на палестински затвореници во Израел. Засега продолжувањето на преговороите за нов договор се закочени поради одредени услови кои на масата ги ставил Хамас, а токму премиерот на Катар, Мохамед бин Абдулрахман ал Тани, и директорот на МОСАД, Давид Барни, би требало денеска да разговараат за нив.
Претходно имаше неколку успешни размени на затвореници, а последната беше пред петнаесетина дена кога затворската служба на Израел објави дека ослободила 30 Палестинци од израелските затвори како дел од седмата размена на заложници според договорот за прекин на огнот со лидерите на Хамас во Газа. Во соопштението за медиумите, затворската служба објави дека Палестинците ослободени од затворите во Израел, се од окупираниот Западен Брег и Ерусалим.
„Триесет Палестинци ќе бидат ослободени во замена за ослободување на 10 заложници во Појасот Газа на седмиот ден од договорот за хуманитарна пауза, а двајца руски државјани ослободени вчера се вклучени во оваа листа“,
објави тогаш портпаролот на Министерството за надворешни работи на Катар, на социјалната мрежа Икс.
Меѓу Палестинците ослободени од израелските затвори има 23 малолетници и седум жени, додека осумтемина израелски државјани кои беа ослободени во четвртокот како дел од договорот вклучуваат две малолетни лица и шест жени, вклучително и двојни државјани од Мексико, Русија и Уругвај, додаде портпаролот Маџед Ал-Ансари.
Две израелски државјанки се предадени на Црвениот крст во градот Газа, соопшти Тел Авив, додека другите заложници беа ослободени подоцна во вечерните часови, откако примирјето меѓу Израел и Хамас беше продолжено непосредно пред истекот на денот.