Борел, како што наведува „Гардијан“, не ја образложил својата изјава од говорот на Универзитетот во Ваљадолид, Шпанија, но додал дека единственото мирно решение за конфликтот е создавање на палестинска држава
Шефот за надворешна политика на Европската Унија (ЕУ), Жозеп Борел ја обвини израелската влада дека го финансирала Хамас во обид да ја ослабне палестинската власт, пренесува британски „Гардијан“.
Борел ова го кажал во својот денешен говор на Универзитетот во Ваљадолид, Шпанија, во кој, исто така, рекол дека изралескиот премиер Бенјамин Нетанјаху лично го попречил секој обид за решавање на деценискиот израелско-палестински конфликт.
„Да, Хамас беше финансиран од владата на Израел во обид да ја ослабне палестинската управа предводена од Фатах“,
рекол тој.
Инаку, Хамас, како што потсетува британскиот весник, со Појасот Газа управува од 2007 година, по кратката граѓанска војна со силите лојални на движењето Фатах, предводено од палестинскиот претседател Махмуд Абас, кое е со седиште на Западниот брег и ја предводи Огранизацијата за ослободување на Палестина (ПЛО).
Нетанјаху ги отфрла обвинувањата од неговите противници во Израел и од страна на некои светски медиуми дека неговата влада со години активно му дава поттик на Хамас, вклучително и со тоа што дозволува финансирање на Газа од страна на Катар.
Борел, како што наведува „Гардијан“, не ја образложил својата изјава, но додал дека единственото мирно решение за конфликтот е создавање на палестинска држава.
„Ние само веруваме дека решението за две држави наметнато однадвор ќе донесе мир, иако Израел инсистира на спротивното“,
рекол шефот на европската дипломатија.
Инаку, денеска Европската Унија додаде уште шест лица на „црната листа“ на кои им се замрзнува имотот и се наложува забрана да им се издаваат визи заради финансирање на палестинската милитантна група Хамас.
Новата рамка за санкции на ЕУ, како што се наведува во соопштението на Европскиот совет, е насочена кон „секој поединец или ентитет кој поддржува, олеснува или овозможува насилни дејствија на Хамас и палестинскиот исламски џихад“.
Меѓу шесте санкционирани лица, покрај функционери на Хамас се финансиери од Судан и Алжир.
Во врска со новата рамка на санкции, „Гардијан“ пренесува и официјална изјава на шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, во која тој вели:
„Со денешната одлука за рестриктивни мерки против поддржувачите на насилните акции на Хамас и палестинскиот исламски џихад, Европската Унија покажува дека сме подготвени да преземеме решителни чекори за да реагираме на бруталноста што ја покажаа терористите на 7 октомври. Израелците и Палестинците заслужуваат да живеат во праведен, траен и сигурен мир“.