Рафах се наоѓа на самиот југ на Појасот Газа, на границата со Египет, а денес е дом на повеќе од милион бегалци кои побегнаа таму од израелската офанзива на север
Израел бомбардираше најмалку три куќи во Рафах во текот на ноќта, што ги поттикна стравувањата кај повеќе од милион бегалци во најјужната точка на Појасот Газа дека таму наскоро ќе започне копнена офанзива на израелската армија. Локалните здравствени власти објавија дека во еден од воздушните напади загинале 11 лица од исто семејство. Во нападот Муса Дахир ги загубил 75-годишниот татко и 62-годишната мајка.
„Не знам што да правам или што да кажам. Не можам да разберам што се случи. Моите родители, татко ми со неговите пријатели бегалци кои пристигнаа од градот Газа. Сите беа заедно, и одеднаш сите ги снема како прашина“,
изјавил тој за Ројтерс.
Џамал Абу Хури за Ројтерс рекол дека поинтензивните израелски напади се начин да се покаже непочитување на резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации која повикува на итен прекин на огнот.
Хури верува дека ќе следува копнен напад врз Рафах, кој Израел го најавува и покрај повиците од меѓународната заедница да не го прави тоа, вклучително и од најголемиот сојузник, САД, кои предупредуваат дека тоа ќе резултира со премногу цивилни жртви.
„Бомбардирањето се зголеми, а тие ни се закануваат со инвазија и велат дека добиле зелено светло да влезат во Рафах. Каде е Советот за безбедност? Гледајте ги нашите мали, погледнете ги децата. Каде да одиме?“,
прашува Абу Хури.
Рафах се наоѓа на самиот југ на Појасот Газа, на границата со Египет, а денес е дом на повеќе од милион бегалци кои побегнаа таму од израелската офанзива на север.
Досега најмалку 32 000 Палестинци се убиени во израелските напади врз Газа, соопшти тамошното Министерство за здравство. Се верува дека уште илјадници се мртви под урнатините. Во средата вечерта тројца Палестинци загинаа, а четворица се повредени на окупираниот Западен Брег, во напад на израелската армија врз Џенин, соопшти во средата Министерството за здравство.