Министерството за правда најавува дека ќе започне консултации со повеќе тела од правосудниот систем за да се види како на фер и ефикасен начин можат да продолжат судските постапки во време на пандемија
Утрешното рочиште за предметот ТНТ, за уривањето на комплексот „Космос“, нема да се одржи бидејќи обвинетиот ексминистер Миле Јанакиески доставил решение за самоизолација поради контакт со заразен со ковид-19, соопштија од Основниот кривичен суд.

Ова беше причина да не се одржи и вчерашното рочиште за случајот „Топлик“, кој се однесува на резиденцијалната населба „Сончев град“, каде што Јанакиески, исто така, е меѓу обвинетите.
Откако есенскиот бран со ковид-19 зеде замав, вестите за одложување на судски рочишта поради изолација или позитивен резултат на некој од учесниците во постапките речиси станаа секојдневни. Во последните две недели, на пример, имаше неколку одложувања за предметите кои се познати во јавноста.
Поради изолација на адвокат, претходно се одложи уште едно рочиште за ТНТ; за предметот за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“ се одложија неколку рочишта закажани за втората половина на октомври бидејќи обвинетиот Сашо Мијалков доби позитивен резултат на тестот за ковид-19; пред 10 дена не се одржа ниту главната расправа за случајот „Организатори на 27 април“ бидејќи обвинетите Трајко Вељаноски и Спиро Ристовски завршија во изолација по контакт со заразени лица; предметот за смртта на малата Тамара од Велес, исто така, имаше одложување поради решение за изолација на лице вклучено во постапката…
Почнуваат консултации за тоа како да продолжат судските постапки
Од најголемиот основен суд во земјава, Кривичниот суд во Скопје, пред кој се водат постапките и за посочените предмети, не сакаат да коментираат во однос на можноста за одржување онлајн-судења бидејќи, велат, над нив има повисоки инстанци кои треба да одлучат.
„Како првостепен суд, должни сме да ги следиме напатствијата од повисоките судски институции“,
велат од Кривичен за „360 степени“, упатувајќи нè на повисоките тела.
Од Судскиот совет, пак, велат дека можност за онлајн-судења со актуелните законски решенија има, и тоа во случаи само кога би се согласил обвинетиот. Како што посочуваат оттаму, потребни се измени во процесните закони, како што е законите за кривична постапка, за граѓанска парница, за управни спорови…

Друг проблем со кој би можеле да се соочат судовите се и техничката опременост на судовите. Претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев, во разговор со „360 степени“ посочи дека минатата недела испратил писма до судовите во земјава за да добие информации какви се условите кај нив и ги очекува одговорите.
Сепак, нагласи тој, тие се судска власт и за евентуални законски измени и барање решенија како непречено да продолжат судските процеси надлежност имаат извршната и законодавната власт, кои предлагаат и носат законски измени.
На прашањето дали се размислува за законски измени за да се овозможи онлајн-судење, од Министерството за правда најавуваат дека ќе започнат консултации со повеќе институции.
„Во соработка со Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, Врховниот суд и Адвокатската комора, Министерството за правда ќе започне консултативен процес чија цел ќе биде фер и ефикасно продолжување на судските постапки за време на пандемија. За време на вонредната состојба, преку Владина уредба се овозможи одржување онлајн-рочишта и продолжување на судските постапки. Ова беше позитивно искуство кое покажа дека за време на вонредната состојба судството треба и може ефикасно да постапува по итните постапки по електронски пат. Ова претставува и доказ дека е во интерес на сите страни во постапката судењата да продолжат, а притоа судењето да биде во целосна согласност со принципот на фер и правично судење“,
велат од Министерството за правда.
Примерите за онлајн-судења кои ги споменуваат оттаму, во текот на вонредната состојба дојдоа од судот во Кавадарци. Летото таму се одржаа неколку рочишта преку платформата „Мајкрософт тимс“.