Наодите од обдукцијата врз две младенчиња пингвини покажале дека причина за смртта е пневмонија од габична инфекција
Во саботата во скопската Зоолошка градина угинаа два коња, а веќе следниот ден угина уште еден. Надлежните кажаа дека е направена обдукција и дека се чекаат резултатите

Грануломатозна пневмонија причинета од габична-аспергилус инфекција (Pneumonia granulomatosa gravis-aspergilosa) и ненавремено превенирање се причина за угинувањето на две младенчиња пингвини во мај и јули годинава, покажаа наодите по обдукцијата на Факултетот за ветеринарна медицина на барање на Зоолошката градина – Скопје, објави Телма.
За актуелното раководство на скопската Зоолошка градина до ова немало да дојде доколку грижата била на повисок степен.
„Заради ненавремено реагирање и несоодветен третман од страна на ветеринарка во ЗОО, ветеринарката Весна Левајковиќ Трајков, вработена во ЗОО во време на раководство на ВМРО-ДПМНЕ, за која и покрај тоа што во 2012 година е добиено решение за неуспешност во работењето, истата продолжува со несоодветно постапување и негрижа, за што е поднесена соодветна кривична пријава и врачено решение за отказ од установата, потврдено од страна на Управниот одбор на ЗОО Скопје“,
соопштија од Зоолошка градина – Скопје.
За опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, последното случување со угинувањето на трите коњи во скопската Зоолошка е алармантно.
„Ако на секои три месеци се распишува тендер за набавка на свежа храна во износ од десетици илјади евра, како истото е можно и зошто животните се хранат со донирана непроверена храна за која не постои технолог вработен во оваа установа за проценка на квалитетот на храната и дали треба да се хранат животните со истата, каде завршува храната која редовно се дистрибуира од постапките коишто се со завршен тендер и потпис. Дали поморот на животни се должи на нездравата исхрана со која се прехрануваат животните? Дали патолошкиот наод од смртта на жирафата покажа бактерија салмонела која исто е создадена од неправилна расипана исхрана?“,
праша Стефан Кирков, член на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Зоолошката градина во целост ги отфрли ваквите тврдења.
Во меѓувреме реагираше и „Анима мунди“ во врска со угинувањето на коњите. Бараат итно вештачење на снимките од сите камери во Зоолошката градина.
„Доколку изостанува видеонадзор во институцијата, најстроги казни за раководството, дали и колку од ветеринарните лица во ЗОО Скопје се доктори специјалисти за лекување на диви животни, доколку такви воопшто има“,
стои во реакцијата на „Анима мунди“.
Според „Анима мунди“, неприфатливо е ретки животни, на раб на истребување, безумно да завршат во субстандардна зоолошка во Македонија која, патем, го загуби и кандидатскиот статус за членка на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА).
Во саботата во скопската Зоолошка градина угинаа два коња, а веќе следниот ден угина уште еден. Првичните сомнежи се дека животните биле отруени, а случајот е пријавен во полиција. Надлежните кажаа дека е направена обдукција и дека се чекаат резултатите.
Во 2021 година скопската Зоолошка градина по првпат од своето основање доби пингвини. Девет јужноамерикански пингвини беа пуштени во своето надворешно живеалиште, на радост на посетителите. По карантинскиот престој и адаптација тие запливаа во новиот залив на пингвините разладувајќи се на високите скопски горештини.