Претседателот на Комисијата за европски прашања Арбер Адеми од ДУИ за вечерва ја закажа седницата на која на дневен ред се измените на петте закони, предложени од Владата со европско знаменце
Откако претходно денеска пратениците на пленарна седница ја изгласаа потребата за донесување на измените на петте закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10-д, Комисијата за европски прашања како матично тело експресно за вечерва закажа седница за нивно разгледување и усвојување за натамошна постапка.

На дневен ред на седницата на собраниската Комисија, чиј претседател е пратеникот ДУИ, Арбер Адеми, се предлог-измените на сите пет закони, кои се со европско знаменце. Покрај нив, како шеста точка на дневен ред се предлог-измените на Законот за Академија на судии и јавни обвинители, кој исто така е по скратена постапка.
Пратениците денеска гласаа за потребата од изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање стратегиски партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10-д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија, по скратена постапка, како и измените и дополнувањата на Законот за урбанистичко планирање, Законот за градење, Законот за експропријација и на Законот за работните односи, сите по скратена постапка.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, на денешната пленарна седница рече дека владејачкото мнозинство со усвојување на овие предлог-закони на Владата го крши највисокиот акт во државата, заедно со Деловникот на Собранието.
Тој побара согласно членот 136 претседателот на Собранието и во оваа фаза да ги врати овие закони и да побара од предлагачот да ги усогласи одредбите.
Во врска со предложените измени на законите со европско знаменце од Делегацијата на Европската Унија реагираа дека тие не се во насока на усогласување на домашното законодавство со законодавството на ЕУ и стандардите на Унијата.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ изјави дека од политички аспект ставањето европско знаменце на петте закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10-д има основа, а тоа е успешна изградба на овие автопати и комплетирање на трансевропската мрежа на коридори во Северна Македонија.
Маричиќ рече дека се во редовна комуникација со Европската Унија и оти објасниле зошто го прават тоа.