Покрај за измените на Кривичниот законик, претседателката дополни дека ги охрабрува измените на сите закони што се однесуваат на правосудството, а смета и дека Законот за помилување, како што изгледа сега, поради многу укинати одредби, веќе не личи на логичен законски текст

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вели дека ги охрабрува измените на Кривичниот законик, но и другите закони што се однесуваат на правосудството.
За време на посетата на затворот „Идризово“, претседателката ги охрабри реформите во Кривичниот законик и поострите казни за злоупотреба на службената положба.
„Ги охрабрувам реформите бидејќи тоа е многу важна измена во рамките на судските реформи и мислам дека треба да се усвојат час поскоро. Исто така, укажувам и на опасноста – или реалното предупредување од Уставниот суд, дека ако ова не се случи до крајот на месецот, тие може да посегнат по други мерки“,
рече таа.
Покрај за измените на Кривичниот законик, претседателката дополни дека ги охрабрува измените на сите закони што се однесуваат на правосудството.
„Ги охрабрувам не само измените на Кривичниот закон, туку и сите закони што се однесуваат на правосудството да се донесат, бидејќи можеби првпат имаме случај еден пакет закони да се најде пред Венецијанската комисија и да го помине строгиот филтер. Во оваа сфера не се работи за хармонизација, бидејќи нема европско право, но таа е клучна за борбата против најголемото зло – корупцијата и криминалот“,
рече Сиљановска-Давкова.
Таа предупреди и дека актуелниот Закон за помилување е нефункционален и треба да се реформира.
Според Сиљановска-Давкова, Законот за помилување, како што изгледа сега, поради многу укинати одредби, веќе не личи на логичен законски текст.
„Секаде во светот постои можност за помилување – самиот збор покажува дека понекогаш човек треба да се апстрахира од казната и да го вреднува процесот на престој во затворите, да го стимулира излегувањето од тој свет и можноста за поинакво однесување“,
рече претседателката.
Таа вели дека треба да има можност за помилување кое ќе опфаќа подолг временски период, а Комисијата за помилување да има обврска да доаѓа во затворите и да разговара со луѓето кои поднеле барања и да може за определени датуми да се посетуваат затворите“,
изјави Сиљановска-Давкова при денешната посета на КПУ „Идризово“.
Инаку, измените и дополнувањата на Кривичниот законик, кои се чекаа извесен период, вчера се поднесени во Собранието со потпис на девет пратеници од владејачкото мнозинство. Според предлагачите, со предложените измени се заострува казнената политика преку ревидирање и дополнување на член 353 што се однесува на „високопрофилни“ случаи, односно злоупотреби на службената положба од страна на носители на функции на различни нивоа на власт
Со предлог-измените, како што е наведено во образложението, треба да се исправат контроверзните интервенции во Кривичниот законик (КЗ) што претходната власт тајно ги утврди, а тогашниот собраниски состав ги донесе на 6 септември 2023 година.
Измените на КЗ донесени пред нешто повеќе од две години беа причина за застарување на кривичните дела со кои беа опфатени голем број поранешни функционери во случаите што ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), а по чие згаснување во најголем дел ги презеде Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
