Во контекст на изборите, т. е. на излегувањето на гласање, може да се зборува само за излезеност на граѓаните (по општини), а не за нивна излезност. Прочитајте зошто

авторка: Љупка Евроска, лекторка
Едно од главните прашања што поттикнуваат полемика меѓу луѓето што професионално се занимаваат со македонскиот јазик, во политичката и во новинарската фела – особено во периоди на избори, како актуелниов – но и меѓу корисниците на јазикот воопшто, се однесува на употребата на именката излезност, односно излезеност.
Во однос на зборообразувањето, овој тип именки се добиени со суфиксација. На прво место според фреквентноста во македонскиот јазик се именките добиени од придавска основа со суфиксот -ост (пр. весел – веселост). Веднаш по нив следуваат образувањата од глаголски придавки со истиот суфикс, како што е случајот со излезеност (гл. придавка излезен + суфиксот -ост). Добиените деривати се апстрактни именки што се дополнително окарактеризирани со склоност или способност кон извршување на дејството (Велева 2006: 60). Во прилог на ова зборува и делот за испуштањето на самогласката е во Правописот на македонскиот јазик (2017: 9), при што е нагласено дека присуството/отсуството на оваа самогласка може да врши смислоразликувачка функција. Тоа би значело дека постојат две придавки – глаголската излезен (излезена, излезено, излезени) наспроти обичната излезен (излезна, излезно, излезни).
Што се однесува до нивното потекло, глаголската придавка, очекувано, е образувана од глаголот излезе, со додавање на суфиксот -ен, кој потекнува од стсл. буква јат (ѣ) + н. Јат во стандардниот македонски јазик преминал во е, па со оглед на тоа што е е полн вокал, тој не може да се испушти. Подеднакво е интересен и развојот на обичната придавка излезен. Оваа придавска форма е образувана од именката излез и суфиксот -ен, што потекнува од редуцираниот вокал или полуглас јер (ь) + гласот н. Овој редуциран вокал само во формата за машки род се вокализира во е, т. е. станува полн вокал зашто се нашол помеѓу две согласки, т.н. јака позиција (Угринова-Скаловска 2001: 40–41). Во формите за женски и за среден род, пак, се губи, зашто се нашол во слаба позиција (кога по јер следува слог со полн вокал) – -на за женски род, т. е. -но за среден род.
Дополнително, ако се консултираат Толковниот речник на македонскиот јазик и Дигиталниот речник на македонскиот јазик, може да се види дека придавката излезен се јавува со значењата: 1) што се однесува на излез; 2) што е поврзан со излез; а како примери се посочени синтагмите излезна точка, излезно решение; излезен порт, соодветно. За разлика од пасивната глаголска придавка излезен, што произлегува од глаголот излезе, а претставува зборообразувачка основа за именката излезеност (в. параграф 2). Па, во контекст на изборите, т. е. на излегувањето на гласање, може да се зборува само за излезеност на граѓаните (по општини), а не за нивна излезност.
Скратувања
стсл. – старословенски
Извори
Велева, Славица. 2006. Тенденции во зборообразувањето во македонскиот јазик. Скопје.
Правопис на македонскиот јазик / [редакција Живко Цветковски (претседател) и др.]. 2017. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“: Култура.
Угринова-Скаловска, Радмила. 2001. Старословенски јаэик, граматика, текстови, речник кон граматиката и текстовите. Скопје: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“.
Дигитален речник на македонскиот јазик <http://drmj.eu/>
Толковен речник на македонскиот јазик, I–VI. 2003–2014. Скопје: Институт за македонски
јазик „Крсте Мисирков“.