Коментирајќи ги изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за тоа дека партнерите во Владата договараат редефинирање на државата, шефот на дипломатијата во гостувањето во „360 степени“ вели дека единствено политичари што немаат идеи за подобар живот на граѓаните се враќаат на реторика од деведесетите години
Разочарувачки и трагични се изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека партнерите во Владата договараат создавање бинационална држава, коментира министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ, Бујар Османи, во интервју за „360 степени“ на ТВ „Алсат“.
„Османи: Да ја мобилизирате целата енергија на омраза кон сограѓаните, кон Албанците, кон останатите заедници и сето тоа да го ставите во функција на вашата политичка кариера и на вашата политичка партија е најнеодговорното нешто што може еден политичар да го направи кон оваа држава. Мобилизира енергија на нетолеранција, на страв и омраза од другите, создава теории на конспирација, бидејќи така веројатно го советуваат.
360°: Има такви разговори или не?
Османи: Апсолутно нема.“
Шефот на дипломатијата смета дека освен што создала функционален мултиетнички модел, Северна Македонија одиграла важна улога во регионот и на меѓународна сцена како придонесувач за мир.
„Тоа сите ни го признаваат и ни го валоризираат, единствено политичари што очигледно немаат идеи да понудат подобар живот на граѓаните, се враќаат на реторика од деведесеттите години. Јас знам дека е дозволено кога се приближуваат изборите, еве за една година, меѓутоа после Рамковниот договор се поставија некои црвени линии што и најекстремните политичари не ги предизвикуваат, бидејќи знаеја дека таму не е дозволено да се оди. Очигледно, овој политичар нема чувство за тие граници што создаваат нормално, мултиетничко функционирање на оваа држава“,
рече Османи.
Мицкоски деновиве дава изјави во кои вели дека „не се само уставните измени за исполнување на бугарскиот диктат на којшто работи власта“, туку дека една од идеите на кои се работи е и создавање бинационална држава, на два народа, неколку заедници кои се споменуваат во Уставот и постоење малцинства.
Од друга страна, информациите што доаѓаат од работната група за подготовка на уставните измени се дека темата за замена на уставната дефиниција за 20 отсто со албански јазик нема да им биде на нејзин дневен ред.
Османи вели дека и кај албанската заедница има спротивставеност на два концепта, посебно помеѓу политичкото милје – концепт на тие што сè уште се гледаат како претставници на една мала заедница која постојано бара некои права од поголемата заедница и концепт на тие што сметаат дека заедно се гради заедничка држава.
„Прашањето на 20 проценти е заеднички интерес на сите. Да не беше 20 проценти, пописот воопшто немаше да го забележиме дека е некаква операција, ќе беше статистичка, никој немаше да се малтретира како се попишуваат, дали се вклучени сите. Така што, ќе биде во интерес на сите да се надмине ова политизирање на пописниот процес. Мојот став е – ако успееме да најдеме консензус, би било добро и во интерес на сите за преименување на 20 проценти. Ако не можеме, не би сакал да бидеме алиби за Мицкоски и компанија да ја спречат европската иднина на државата“,
вели Османи.
Тој додава дека Албанците никогаш не биле причина за државата да заостанува на евроатлантскиот пат и дека не би биле и во оваа критичка точка кога земјата се наоѓа на крстопат.
ПОВЕЌЕ НА ОВАА ТЕМА:
*Други вести од гостувањето на Османи во „360 степени“:
- Османи: Нема причина за предвремени избори наесен, туку за одлука – одиме кон ЕУ или остануваме во чекалната
- Проблемите во државата се впечаток засилен од опозицијата една година пред избори, смета Османи
- Османи за новата влада во Бугарија: Полесно се договара и преговара со луѓе што имаат политичка одговорност
- Османи за „самоисклучувањето” на „огнените“: Тие го прекршија статутот на ДУИ, а тоа носи одредени одговорности