„Два тима на ДЗС се на тешко пристапен терен во Василево, одат од жариште на жариште каде што чади и го гасат за да не се распали оти често пожарите се смирени наутро, а знаат да се разгорат по 12 часот кога фаќа жештината“, вели Ангелов
Целосно е изгаснат пожарот на военот полигон Криволак во што помогнал и дождот, вели директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, за „360 степени“ и потенцира дека во моментов нема активен пожар во земјава.
За пожарот во Василево, пак, вели дека го контолираат зашто иако нема оган, чади на неколку места па тимови на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) се на терен.
„Два тима на ДЗС се на тешко пристапен терен, одат од жариште на жариште каде што чади и го гасат за да не се распали оти често пожарите се смирени наутро, а знаат да се разгорат по 12 часот кога фаќа жештината“,
вели Ангелов.
Сепак, напоменува дека поради високите температури во текот на денот, состојбата со пожарите е доста променлива.
„Постојано напоменувам, кога информираме дека нема пожари, можно е во истиот момент некаде да избувне пожар. Состојбата е променлива“,
смета Ангелов.
Според податоците на ЦУК, досега во текот на јули имало вкупно 76 шумски пожари и пожари на отворено, во јуни имало 19, додека во мај 141 и во април 139 со напомена дека во април и мај најмногу се палат стрништата.