Сопственици на дуќани, кои во Безистенот во Струга ги има 315 на број кои функционираат како угостителски објекти, бутици и други бизниси, велат оти се загрижени поради настанатиот пожар
Пожарот што утрово избувна во кровната конструкција на Безистенот во Струга е целосно изгаснат, потврди за МИА командирот на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Струга, Фети Мазари, а причините што го предизвикале и настанатата материјална штета допрва ќе се утврдуваат.
Од Секторот за внатрешни работи Охрид за „360 степени“ рекоа дека во пожарот нема жртви и повредени лица и дека огнот зафатил еден од дуќаните во објектот.
Според командирот на струшките пожарникар, поради збиеноста на градбите во старото градско јадро постоела опасност огнот да зафати и други објекти, но нивната брза интервенција спречила пожарот да предизвика поголема штета.
„Постоеше опасност да бидат зафатени и другите објекти, но за среќа ние брзо дојдовме и го изгаснавме. Зафатен е кровот од Безистенот, можеше да се прошири, среќа пожарникарите стигнаа на време. Го изгаснавме и ги спасивме околните објекти“,
изјавил Мазари.
Пожарот во ТППЕ Струга бил пријавен околу 9:30 часот, по што на местото интервенирале 11 пожарникари со три противпожарни возила.
Од видеата објавени на социјалните мрежи можеше да се види како од Безистенот, кој функционира како трговски центар, излегува густ црн чад.
Сопственици на дуќани, кои во Безистенот во Струга ги има 315 на број и кои функционираат како угостителски објекти, бутици и други бизниси, велат оти се загрижени поради настанатиот пожар.
„Секој обичен граѓанин е загрижен, а не ние кои имаме бизниси тука од кои живееме и зависиме. Малку застрашувачко е ова. Жал ми е за овие горе кои настрадаа имаат повеќе штета, и долу во некои дуќани ќе имаме штета од водата“,
изјавил за МИА Белки Азиба, сопственик на дуќан.
Според него, грижата за Безистенот треба да е на дуќанџиите, додека Општината и државата треба да контролираат и да преземаат мерки околу почитувањето на правилата за заштита од пожари.
Увидот на надлежните институции треба да ги утврди причините за настанувањето на пожарот и колкава е предизвиканата материјална штета.