Во соопштението од Јавното обвинителство се наведува дека во следниот период новите органи на Здружението ќе изготват годишна програма во која ќе бидат предвидени повеќе активности со цел унапредување и јакнење на статусот на јавните обвинители и стручната служба во обвинителството
Јавното обвинителство информира дека Здружението на јавни обвинители на земјава вчера одржало изборно собрание на кое биле избрани новите органи на Здружението. Членовите со мнозинство гласови го избрале составот на новиот извршен одбор, кој потоа го извршил изборот на носечките раководни органи на Здружението.
За членови на извршниот одбор на Здружението на јавни обвинители се избрани: Анита Тополова Исајловска, Елвин Вели, Наум Паноски, Ирина Трајкоска Стрезоски, Стојанчо Арнаудоски, Деса Пауновска, Башким Хисени, Јелена Колева Доагазанска, Виолета Милчовска, Катерина Коларевиќ, Ана Гоговска Јакимовска, Спасенка Андонова и Катерина Панева.
За претседател на Здружението на јавни обвинители е избран Елвин Вели, јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, а обвинителките Спасенка Андонова и Ирина Трајкоска Стрезоски се избрани за потпретседатели. Ана Гоговска Јакимовска е избрана за секретар на Здружението, а за благајник е назначена Катерина Панева.
„Во следниот период новите органи на Здружението ќе изготват годишна програма во која ќе бидат предвидени повеќе активности со цел унапредување и јакнење на статусот на јавните обвинители и стручната служба во обвинителството, зголемување на соработката со институции и невладини организации, како и учество во проекти поврзани со законската регулатива во правосудната сфера“,
се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.