За вториот состав на кабинетот на Пленковиќ гласаа 76 пратеници од вкупно 151, што е на работ на потребниот кворум, а против се изјаснија 59
Новиот кабинет на досегашниот хрватски премиер Андреј Пленковиќ и неговата програма за работа во идниот мандат доцна синоќа ја добија довербата на парламентот во Загреб.
По целодневната расправа, за вториот состав на кабинетот на Пленковиќ гласаа 76 пратеници од вкупно 151, што е на работ на потребниот кворум, а против се изјаснија 59.
„Формиравме парламентарно мнозинство со партнерите со кои, сигурен сум, ќе ја спроведеме програмата околу која се согласуваме. Ако постои желба и волја за работа за доброто на Хрватска, и 76 раце се доволно“,
порача Пленковиќ во парламентот, во однос на мнозинството кое ја избра новата коалициска влада..
Новиот кабинет на Пленкович има 16, наместо досегашните 20 министерства, како и четворица потпретседатели Давор Божиновиќ, Здравко Мариќ, Томо Медвед и Борис Милошевиќ.
Пленковиќ порача дека ќе настојува да ја оправда довербата, која ја доживува како обврска и шанса за Владата и за сите хрватски граѓани.
Хрватскиот премиер најави и дека Владата ќе се труди да биде поотворена кон предлозите на опозицијата.