Наместо со договор за изборен термин, денешната лидерска средба заврши со договор за нов состанок во почетокот на следната седмица, a откако в сабота ќе истече важноста на втората одлука на претседателот за утврдување вонредна ситуација во државата
Без договор за датумот кога би се одржале изборите, кои беа распишани на 16 февруари, а прекинати на 21 март, заврши денешната лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски. Наместо тоа, лидерите се договорија да се сретнат повторно во почетокот на следната седмица, откако ќе ги консултираат Комисијата за заразни болести, ДИК и ОБСЕ околу тоа кој би бил најповолниот термин за одржување на изборите, согласно со здравствената ситуација во државата и роковите во кои треба да завршат изборните дејствија.
Со консензус беше одлучено дека здравјето на граѓаните останува приоритет.Во на понатамошните чекори договорено е да се побара мислење од Комисијата за заразни болести во однос на мерките и протоколите кои треба да се почитуваат при одржување на изборни процеси во време на пандемијата на ковид -19. Државната изборна комисија е потребно да достави мислење за временските рокови кои и се потребни за завршување на подготовките за спроведување на изборниот процес, а исто така ќе биде побарано и мислење од Канцеларијата на ОБСЕ/ОДИХР за временската рамка во која може да испратат набљудувачка мисија за изборите“,
соопштија по средбата од кабинетот на Пендаровски.
За понатамошните чекори, како што велат од кабинетот ќе се дискутира на лидерска средба во почетокот на оваа седмица.
Кон крајот на оваа седмица – на 16 мај (сабота), пак истекува рокот на важење на втората одлука на шефот на државата за прогласување вонредна состојба. Но на денешната средба, според изјавите на лидерите, не се разговарало околу можноста вонредната состојба да биде продолжена, иако Уредбата на Владата што се однесува на изборниот процес е повзана со завршувањето на вонредната состојба.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, по завршувањето на лидерската средба, изјави дека датумот за одржување на изборите не треба да се поврзува со тоа што, по завршувањето на вонредната состојба, Владата нема да може да носи уредби со законска сила. Тој рече дека техничката владаречиси 60 дена функционираше без вонредна состојба.
Техничката влада беше избрана на 3 јануари, а парламентот беше распуштен на 16 февруари, така што дотогаш Собранието ги носеше законите што ги предлагаше Владата.
Заев изјави, по средбата кај Пендаровски, дека е затворено прашањето за свикување на распуштениот парламент. И покрај иницијативата на СДСМ, односно на 35 пратеници, за итна седница за потврдување на одлуките за вонредната состојба Заев рече дека мнозинството на лидерската средба се согласило дека нема услови за свикување на распуштениот парламент, со оглед на тоа дека во таа насока се и одлуките на Уставниот суд.
Според тоа, извесно е дека овој парламентарен состав нема да ги потврди одлуките на шефот на државата , ниту за прогласување, ниту за завршување на вонредната состојба.
Со оглед на тоа што Собранието не може да се собере и евентуално да донесе други одлуки во однос на изборите, според Заев гласањето би тррбало да биде во согласност со владината Уредба, односно 22 дена по завршувањето на вонредната состојба, со оглед на тоа што изборите беа прекинати два дена пред стартот на 20-дневната кампања.
Според тоа, ако вонредната состојба заврши на 16 мај, изборите би можеле да се одржат на 8 јуни (понеделник), како што посочи Заев. Во случај, пак, да се прогласи вонредна состојба, на пример, во траење од 10 дена, тогаш изборите би ттебало да се одржат на 18 јуни (или 21 јуни – недела). При евентуална одлука за нови 30 дена вонредна состоба, избори би имало околу 8 јули…
ВМРО-ДПМНЕ, пак, во последните денови промовира Извештај на Венецијанската комисија, како аргумент дека има препорака според која од завршување вонредна состојба до одржување избори треба да поминат најмалку 60 дена.
Од СДСМ, пак, објаснуваат дека во Извештајот на Венецијанската комисија е наведено дека „Не постои формално меѓународното право кое ќе им забрани на државите да одржуваат избори или референдум дури и за време на вонредна состојба.”