Прелиминарните резултати покажаа мала предност за социјалдемократите од левоцентристичката партија, но, како што истакнува американскиот весник „Волстрит џурнал“, дали тие ќе ја наследат Меркел на чело на владата и ќе ја преместат најголемата европска економија налево, ќе зависи од исходот од сложените и долготрајни преговори за коалиција
Изборите за новиот состав на германскиот Бундестаг завршија, но главната работа допрва доаѓа – формирањето влада. Пред Германија се недели, а можеби и месеци неизвесност, бидејќи прашањето за тоа кој ќе ја формира следната влада остана отворено по парламентарните избори вчера, зашто гласањето не донесе многу разјаснувања за тоа кој ќе ја наследи канцеларката Меркел, пишува „Волстрит џурнал“.
Прелиминарните резултати покажаа мала предност за социјалдемократите од левоцентристичката партија, но, како што истакнува американскиот весник, дали тие ќе ја наследат Меркел на чело на владата и ќе ја преместат најголемата европска економија налево, ќе зависи од исходот од сложените и долготрајни преговори за коалиција.

Канцеларката Ангела Меркел ќе продолжи да ја води владата уште некое време, додека германските сојузници во Европа и САД ќе треба да чекаат Германија да биде подготвена да разговара за итни прашања, од европскиот пакет мерки за борба против климатските промени до односот кон Кина.
Во текот на нејзината долга кариера и делумно благодарение на популарноста дома и во странство, Меркел стана една од најискусните и највлијателни европски лидери. Сега, по изборите, нејзиниот наследник може да се соочи со намалување на влијанието, помала поддршка во парламентот и да биде на чело на владата составена од тројца коалициски партнери, што ќе биде првпат во повоената историја на Германија.
Крај на една ера
Германците ги расфрлија гласовите низ политичкиот спектар од партии, што најави понестабилна политичка ера во Германија и послабото германско раководство во Европа во критичен момент кога континентот сѐ уште се бори да закрепне од пандемијата.
Иако прелиминарните резултати им даваат мала предност на социјалдемократите од левоцентристичко движење, тие сѐ уште се многу тесни и не може да се каже кој ќе биде следниот канцелар или како ќе изгледа следната влада.
Изборите вчера го означија крајот на ерата и за Германија и за Европа, пишува весникот и истакнува дека повеќе од една деценија Меркел не беше само канцелар на Германија туку и лидер на Европа, водејќи ги својата земја и континентот низ голем број последователни кризи и помагајќи ѝ на Германија да стане европска водечка сила, првпат по двете светски војни.

Нејзиното време како шеф на влада се карактеризираше првенствено со стабилност, но изборната кампања беше најнестабилна во последните неколку децении, посочува „Њујорк тајмс“.
Армин Лашет, кој е демохристијански кандидат за канцелар, долго време се сметаше за фаворит за наследник на Меркел, но во очите на јавноста тој сѐ помалку е тоа поради грешки што придонесоа за неговата непопуларност.
Од друга страна, се сметаше дека на кандидатот на социјалдемократите, Олаф Шолц, му биле изброени деновите пред да успее да ја врати партијата од 10% заостанување зад демохристијаните.
На изборите во неделата учеството на гласовите на демохристијаните падна значително под 30 проценти, што е нивниот најлош резултат во историјата. Сепак, Лашет рече дека ќе стори сѐ што е во негова моќ за да формира влада. Меѓутоа, тоа го планира и Шолц.
Нов тип коалиција првпат во поновата историја
Прелиминарните резултати покажуваат дека Германија се подготвува за тричлена владејачка коалиција, прва во нејзината понова историја, истакнува „Фајненшл тајмс“, и многу зависи од тоа дали помалите партии, Зелените и Слободните демократи (ФДП), ќе одлучат да се приклучат на Социјалдемократска партија (СПД) или Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и нејзината сестринска Христијанско-социјална унија (ЦСУ).
Кандидатот на германските социјалдемократи за канцелар, Олаф Шолц денеска оцени дека конзервативците треба да заминат во опозиција, бидејќи тие се на второ место според изборниот резултат.

„ЦДУ и ЦСУ (Христијанско-демократската унија и сестринската Христијанско-социјална унија) не само што ги загубија гласовите, тие всушност добија порака од граѓаните дека повеќе не треба да бидат во владата, туку во опозиција“,
истакна Шолц денеска во седиштето на неговата партија СПД.
Конзервативците веруваат дека и тие би можеле да формираат нова коалициска влада, иако на вчерашните избори го постигнаа својот историски најлош резултат.
„Гласачите јасно кажаа дека следната влада треба да се формира со зајакнување од трите партии – социјалдемократите, екологистите и либералите на ФДП“,
нагласи 63-годишниот Шолц, кој е актуелен вицеканцелар и министер за финансии во владата во заминување на Ангела Меркел.
Според првичните резултати, СПД освои 25,7 проценти од гласовите, додека ЦДУ е на второ место со 24,1 проценти. Потоа следуваат Зелените со 14,8 проценти и Либералната ФДП со 11,5 проценти.

Лидерот на ФДП, Кристијан Линднер, рече дека мисли дека неговата партија ќе има „повеќе заеднички политики“ со владата предводена од ЦДУ отколку со владата предводена од СПД, но рече дека има смисла Зелените и ФДП да разговараат прво пред консултациите со социјалдемократите и демохристијаните.
Кандидатката на Зелените за канцеларка, Аналена Бербок, рече дека нејзината партија постигнала „најдобар резултат досега“, но таа исто така стави до знаење дека партијата е разочарана што не стигнала до 18 или 20 проценти на што се надевала.

Што е следно?
Додека во повеќето парламентарни системи шефот на државата ја предлага партијата што треба да формира влада – обично онаа што освои најмногу гласови – во Германија сите партии можат да започнат таканаречени „длабински разговори“.
Во оваа прва фаза, која нема временско ограничување, ништо не ги спречува партиите паралелно да водат разговори со повеќе партии за коалиции, иако традицијата налага најголемата партија да ги покани помалите на разговори.

Овие дискусии можат да започнат штом ќе бидат објавени резултатите и тогаш кога партиите ќе сакаат да ги откријат своите „црвени линии“ и да одредат дали можат да работат заедно.
Ако две или три партии во принцип се согласат дека сакаат коалиција, тогаш тие мора да иницираат формални преговори за коалиција, со состаноци на работни групи за решавање на прашања од владината политика. На крајот од овие преговори, партиите одлучуваат кој ќе биде задолжен за кое министерство и ќе потпишат коалициски договор. И оваа фаза нема временско ограничување.
Партиите потоа именуваат канцелар пред официјалното гласање во Бундестагот.
По последните избори во Германија на 24 септември 2017 година, Меркел беше официјално потврдена како канцеларка во коалицијата меѓу демохристијаните и социјалдемократите дури на 14 март 2018 година.
Како стојат работите во моментов?
СПД има мала предност во однос на ЦДУ / ЦСУ, но не доволно за да формира влада со само една партија, доколку не одлучи да ја продолжи континуираната соработка со ЦДУ / ЦСУ од претходно, што според изјавите досега е малу веројатно.
Доколку нема договор за коалицијата, германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, кој е член на СПД, може да предложи потенцијален канцелар, најверојатно од партијата што освои најголем број гласови.

Парламентот потоа гласа со тајно гласање, при што на кандидатот му треба апсолутно мнозинство. Доколку тоа не се случи, второто гласање ќе се одржи две недели подоцна. Доколку се уште нема апсолутно мнозинство, следува трет круг на гласање во кој е доволно релативно мнозинство.
Претседателот потоа одлучува дали да именува канцелар на малцинската влада или да го распушти Бундестагот и да распише нови избори.
Ова е најлошото сценарио кое беше избегнатово последен момент во 2017 година, кога преговорите се најдоа во ќор-сокак. Тогаш Штајнмаер ги повика партиите повторно да се сретнат, залагајќи се за обновување на таканаречената голема коалиција на демохристијаните и социјалдемократите.