За успешност на повторените избори за градоначалник во Општина Центар Жупа, како што соопшти Државната изборна комисија (ДИК), недостасувале уште 239 гласачи. На денот на гласањето, според ДИК, излегле 29,96 проценти од вкупно запишаните на територија на Општината, што е повеќе од излезеноста на изборите во октомври минатата година, кога во Центар Жупа излезеноста беше 25, 77 отсто, со што не се обезбеди потребниот цензус
Излезеноста на една третина од граѓаните на изборите за градоначалник во Општина Центар Жупа, не е исполнета, соопшти денеска Државната изборна комисија (ДИК), откако на денешната седница изгласа заклучок за конечните резултати од Локалните избори што на 17 април годинава се спроведоа во Општината.
„На избирачкиот список во Центар Жупа беа запишани 7 077 лица како гласачи, на денот на гласањето излегле да гласаат вкупно 2 120 граѓани, што е 29,96 проценти од вкупно запишаните на територија на општината, а недостасувале 239 гласачи за да бидат успешни изборите“,
додаваат од ДИК, а пренесува МИА.
Согласно законот, ДИК во предвидениот рок ќе ја извести Владата за резултатите од изборите.
На трка за градоначалник на оваа Општина беа двајца кандидати и тоа Арјан Ибраим од Турската Демократска партија и Шаин Шакир од Движењето за национално единство на Турците.
Центар Жупа е печалбарска општина, каде, според неофицијални информации, над 70 отсто од населението се печалбари и тоа е причината зошто на ланските избори не се обезбеди потребниот цензус. Тогаш излезеноста беше 25,77 отсто.
