Според извештајот на ОБСЕ/ОДИХР, во изборната кампања било забележано присуството на претседателот на државата, а имало и многубројни тврдења за заплашување и малтретирање граѓански активисти, борци за човекови права и новинари
Германија оценува дека неправилностите што ги утврдиле меѓународните набљудувачи на парламентарните избори во Србија се неприфатливи за земја која претендира да се приклучи на Европската Унија.
„Србија гласаше, но ОБСЕ пријави случаи на неовластено користење јавни средства, заплашување гласачи и купување гласови. Тоа е неприфатливо за земја која има статус кандидат за членство во ЕУ“,
објави германското Министерство за надворешни работи.
#Serbia has voted, but @osce_odihr reports misuse of public resources, voter intimidation and cases of vote buying. This is unacceptable for a country with EU candidate status.
— GermanForeignOffice (@GermanyDiplo) December 18, 2023
Според извештајот на ОБСЕ/ОДИХР, изборите во Србија се одржале во време на висока поларизација и интензивна конкуренција меѓу различни политички опции.
Извештајот тврди и дека кампањата ја обележало присуството на претседателот на државата, а имало и многубројни тврдења за заплашување и малтретирање на граѓански активисти, борци за човекови права и новинари.
Републичката изборна комисија на Република Србија вчера ги утврди прелиминарните резултати од парламентарните избори, одржани вчера.
Листата „Александар Вучиќ – Србија не смее да запре“ освоила најмногу гласови според резултатите со 96,68 отсто обработени избирачки места, односно 46,71 отсто.
На второ место е листата „Србија против насилството“ со 23,58 отсто гласови. Цензусот го поминале уште три мнозински и пет малцински листи.
Претставниците на коалицијата „Србија против насилство“ вчера ги повикаа граѓаните на протест, а се обидоа и да ја блокираат на седницата на Републичката изборна комисија, која требаше да ги презентира прелиминарните резултати од изборниот процес.
За улогата на претседателот во кампањата, српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека во минатото не се прашувало за улогата на претседателот кога бил претседател Борис Тадиќ, не се прашувало за таа улога кога бил претседател Воислав Коштуница.