Шефицата на набљудувачката Мисија на ОБСЕ/ОДИХР денеска во изјава за медиумите рече дека целиот изборен процес го оценуваат од повеќе аспекти, почнувајќи од законската рамка, па до изборната администрација, како и прашања поврзани со финансирањето на кампањата и улогата на медиумите
Повеќе од 200 набљудувачи на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР распоредени на избирачките места низ целата држава го мониторираат текот на гласањето на денешниот прв круг од седмите претседателски избори, изјави Џилијан Стирк, која ја предводи меѓународната мисија за набљудување на изборите.

Денеска претпладне таа, како што кажа, имала можност да посети две избирачки места оценувајќи дека почетокот на изборниот процес е добар.
Сепак, целосната оценка за тоа како поминал изборниот ден ќе ја имаат кога ќе ги соберат и анализираат сите податоци од изборниот ден.
„Ова утро имав можност да посетам две избирачки места и досега имаме добар почеток на денот. Секако, ова се само две избирачки места од многуте низ целата земја и на крајот на денот ќе ги собереме сите наши податоци за да направиме целосна проценка за тоа како се одвивал целиот процес“,
рече Стирк.
Покрај двестотините набљудувачи кои денеска се распоредени низ државата, шефицата на набљудувачката Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР потсети дека имаат и долгорочни набљудувачи кои се во земјава уште кога беше отворена Мисијата кон крајот на март.
Таа посочи дека целиот изборен процес го оценуваат од повеќе аспекти, односно од законската рамка до изборната администрација, како и прашања поврзани со финансирањето на кампањата и улогата на медиумите.
Првичните наоди од мониторирањето на изборниот процес од првиот круг на претседателските избори, Стирк рече дека ќе бидат презентирани утре на прес-конференција, на која што освен неа обраќања ќе имаат и нивните партнери од Советот на Европа.
Инаку, шефицата на набљудувачката Мисија на ОБСЕ/ОДИХР, Џилијан Стирк, неодамна на прес-конференција во Скопје кажа дека согласно препораките на Мисијата, претстојните избори во земјава ќе ги следат зголемен број набљудувачи поради поклопувањето на двата изборни циклуса.
„Имате два вида избори што се случуваат во ист ден, па не е невообичаено да имаме голем број набљудувачи и бараме голем број набљудувачи низ двата вида избори“,
изјави таа на прес-конференцијата одржана на 21 март во Скопје.