Според проекциите, победата на Републиканците во Конгресот е речиси извесна, додека трката за Сенатот продолжува, но се чини дека Демократите ќе добијат повеќе места и ќе ја задржат контролатa
Затворени се избирачките места во Соединетите Американски Држави за изборите за Претставничкиот дом, Сенатот и гувернери на сојузните држави. Републиканците до сега презедоа седум мандати од демократите во трката за Претставничкиот дом, а демократите два од своите политички противници, јавуваат агенциите.
Со затворањето на гласачките места во Алјаска, заврши долгата изборна ноќ во САД, во која гласачите од 50 сојузни држави и шест временски зони го дадоа својот глас на меѓуизборите за да ги изберат своите претставници во Претставничкиот дом и во Сенатот.
Според проекциите, победата на Републиканците во Конгресот е речиси извесна, додека трката за Сенатот продолжува, но се чини дека Демократите ќе добијат повеќе места и ќе ја задржат контролата.
По затворањето на гласачките места, според досегашните проекции демократите имаат 174 места, додека републиканци добиле четири конгресмени и засега имаат 195 во Претставничкиот дом од 435 места. За контрола над Долниот дом на Конгресот неопходни се 218 пратенички места.
Досега мнозинство во Претставничкиот дом имаа Демократите, кои имаа 222 претставници наспроти 213 републиканци. Сепак, дури и во пресрет на изборите, анкетите укажуваа на веројатен пораз на демократите во борбата за Долниот дом.
Што се однесува на Сенатот, таму трката е неизвесна, но според медиумите, се чини дека Демократите ќе ја задржат контролата која досега ја имаа. Досега во Сенатот имаше 50 демократски и 50 републикански претставници, но благодарејќи на гласот на потпретседателката Камала Харис демократите ја имаа контролата.
Според моменталните резултати, демократите во Сенатот имаат 48, а републиканците 47 освоени мандати.
Сегашните проекции покажуваат дека кандидатот на Демократите Џон Фетерман ќе го освои местото во Сенатот во Пенсилванија, победувајќи го својот републикански конкурент Мехмет Оз, што аналитичарите го оценуваат како исклучително значајно во трката за мнозинство.
Досега Републиканците го имаа ова место, во лицето на Патрик Туни, но тој не се кандидираше за реизбор. Според Си-ен-ен засега демократите имаат 47, а републиканците 46 места.
Клучната битка се води во Џорџија помеѓу демократот Рафаел Ворнок и поранешната ѕвезда на американскиот фудбал, републиканецот Хершел Вокер.
Републиканецот Рон ДеСантис, потенцијалниот противник на Доналд Трамп за републиканската номинација за претседателските избори во 2024 година, вчера беше реизбран за гувернер на Флорида, објавија американските медиуми.
ДеСантис, како ѕвезда во подем на тврдата американска десница, лесно ја освои Флорида победувајќи го поранешниот гувернер Чарли Крист, поранешен републиканец кој ја смени партијата, објавија Еј-би-си и Си-ен-ен
ДеСантис, инаку поранешен војник со привлечен имиџ на семеен човек,на избирачите им нуди целосен контраст од бурниот стил на Доналд Трамп.