Во јавноста тој е познат како чилеанскиот Че Гевара. Важи за либерал кој ветува даночни реформи и поголеми права на работници, а вниманието во јавноста го привлече и со неколку споредни прашања како што е укинување на статусот Прва дама бидејќи смета дека првите дами имаат преголеми привилегии и влијание кои не ги заслужуваат. Во Хрватска бил пред 11 години во потрага по куќата која на напуштил неговиот прадедо за да се пресели во Чиле

Во Чиле денеска се одржуваат претседателски и парламентарни избори, а еден од двајцата фаворити за нов претседател на државата е Габриел Бориќ, кој по потекло е Хрват.
За наследник на актуелниот претседател Себастијан Пинера, се борат седум кандидати од кои петмина се мажи, а две жени. Пинера нема право да се кандидира за реизбор бидејќи чилеанскиот Устав не му дозволува на претседателот да ја извршува таа функција во два последователни мандата.
Бориќ е кандидат на левичарската коалиција „Потврди достоинство“, а главен ривал му е Хосе Антонио Каст од екстремно десничарската партија Христијанско-социјален фронт.
Според резултатите од последната анкета на компанијата „Кадем“, за Каст би гласале 24 отсто од испитаниците, а за Бориќ 19 отсто.
За победа во првиот круг на еден кандидат му требаат повеќе од 50 отсто од гласовите, а доколку тоа не се случи, вториот круг од изборите ќе се одржи на 19 декември.
Бориќ иако има хрватски корени, но само еднаш во неговиот живот бил во Хрватска и тоа пред 11 години. Неговиот прадедо ја напуштил Хрватска пред 1940 година, а Гориќ со оглед дека е трета генерација во семејството која живее во Чиле, не го знае ниту хрватскиот јазик. Во 2010 година ја посетил Хрватска во потрага по куќата во која живеел неговиот прадедо на остовот Угљан. Во неа денеска, како што пренесуваат регионалните медиуми, не живее никој. Прадедото на Габриел има двајца браќа од кои едниот останал на островот, а другиот заминал со него во Чиле.
За што се залага Бориќ
На Чилеанците тој им ветува даночна реформа и поголеми работнички права, а во јавноста е познат како чилеанскиот Че Гевара.
Тој во политиката влезе по завршувањето на правен факултет, а се прослави како предводник на студентските протести во Чиле во 2011 година со кои се бараше бесплатно образование за сите. Една година потоа, овие протести прераснаа во најнасилните демонстрации што се случиле во Чиле, а денеска на нив се гледа како на претходница на општествените немири што следуваа во годините потоа.
Тогаш, Бориќ се кандидираше на парламентарните избори во 2013 година како независен и успеа да освои дури 25 отсто од гласовите со што стана првиот непартиски кандидат кој влегол во парламентот на Чиле.
Покрај тоа што се залага за либерални вредности, тој вниманието на јавноста во кампањата го привлече и со тоа што се занимава со неколку споредни прашања. На пример, се залага за укинување на статусот Прва дама бидејќи, според него, првите дами имаат преголеми привилегии и влијание кое во суштина не им следува, а важи и за поборник на укинување на родео-игрите бидејќи смета дека станува збор за премногу опасен спорт и ги експлоатира животните.