Според првичните резултати од парламентарните избори во Велика Британија, Конзервативната партија на Борис Џонсон освои мнозинство гласови во Парламентот.
Конзервативците освоија 354 места што е повеќе од поребните 326 за контрола во Парламентот, додека Лабуристичката партија на Џереми Корбин – 202. Но резултатите постојано се менуваат, како што се привршува со пребројувањето на гласовите.

Околу 46 милиони Британци вчера гласаа за новиот состав на Долниот дом на Парламентот, кој има 650 пратеници.
Лабуристичката партија изгуби места на Северот, Мидлендс и Велс кои го поддржаа Брегзит во 2016 година.
Премиерот Борис Џонсон изјави дека ова ќе му даде мандат да го „заврши Брегзит“ за Велика Британија да излезе од ЕУ следниот месец.
Џереми Корбин изјави дека ова било „многу разочарувачка ноќ“ и дека тој нема да ги предводи Лабуристите на идните избори.

И според аналитичарите, резултатот што го постигнаа конзервативците е извонреден и ги надмина и најоптимистичките предвидувања.
Изненадувањата се случија во областите кои историски се сметаат за упоришта на лабуристите, кои по овие избори се во најлоша позиција досега.
Џереми Корбин јасно стави до знаење дека ќе си замине пред следните избори, но не веднаш, бидејќи сака да се направат анализи, иако многумина во неговата партија сакаат тој веднаш да си оди.
Во Шкотска, сликата е сосема поинаква.
СНП се доближи до убедливата победа, освојувајќи ги местата на сите свои ривали.
Лидерката на Шкотската национална партија Никола Штергеон, рече дека ова било „исклучителна ноќ“ за нејзината партија.
Според неа, Шкотска испратила „многу јасна порака“ дека не поддржува конзервативна влада на Борис Џонсон, а премиерот нема мандат да ја извади Шкотска од ЕУ.
Исто така, таа кажа дека гласовите биле „силно одобрување“ за Шкотска да има избор за сопствената иднина на друг референдум за независност.
Според моменталните резултати, лабуристите освоија 8 отсто гласови помалку, додека конзервативците 1 отсто повеќе, што укажува на подем на помалите партии.
За европските дипломати, победата на конзервативците значи дека Британија е поблиску до излез од ЕУ, но предупредија дека ќе биде предизвик постигнување на трговскиот договор до крајот на 2020 година.
Велика Британија и ЕУ мораат да преговараат за трговски договор до крајот на 2020 година, бидејќи тогаш завршува преодниот период за излегување на Велика Британија, кога трговските односи меѓу Лондон и неговиот најголем трговски партнер – ЕУ, ќе се вратат на стандардите според Светската трговска оргзнаиција.
Меѓутоа, официјални претставници на ЕУ сметаат дека преговорите за трговски договор со Велика Британија ќе биде многу тешко да завршат за помалку од 12 месеци, бидејќи преговорите за такви договори траат со години.