Претседателот на Советот на јавни обвинители, Башким Бесими, во изјава за медиумите кажа дека иако Фидоски не понудил програма за работа, оставил добар впечаток на интервјуто. Ќе го поддржиме до крај, кажа тој откако својот глас го даде за победникот, а за Бубевски гласаше воздржано

За помалку од еден час, Советот на јавни обвинители ја заокружи денешната седница на која најмногу од времето беше посветено на изборот на шеф на скопското Jавно обвинителство. Веќе е познато дека најголема поддршка од петтемина кандидати доби Анел Фидоски. Тој е основен јавен обвинител со 12-годишно искуство и доаѓа од Академијата за судии и јавни обвинители. Работел на предметот за убиството на Никола Саздовски, член на навивачката група „Комити“, како и случајот „Тенковски делови“, во кој беше опфатен и експремиерот Владо Бучковски, но предметот застари.
За него гласаа вкупно седум членови на Советот – двајца беа против, а двајца воздржани. Го поддржаа членовите Фатих Алиу, Ардиан Демири, Марјана Илиеска, Кети Петкова, Зорица Павловиќ, претседателот Башким Бесими, како и в.д државната јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска. Ова е единствениот кандидат за кој Тополова-Исајловска гласаше позитивно, додека за преостанатите четворица беше против. Воздржани во гласањето за Фидоски беа Душица Димитриеска и Јелена Догазанска Колева, додека против – Ермон Незири и Светлана Стојковиќ.
Актуелниот прв човек на ОЈО Скопје, Гаврил Бубевски, доби пет гласа „за“, недоволни за реизбор. Бубевски е од првата генерација на Академијата, има вкупно 17 години обвинителско искуство и е единствен од петтемина кандидати кој на Советот на јавни обвинители му доставил програма за работа.
Петте гласа за Бубевски дојдоа од Ермон Незири, Душица Димитриеска, Јелена Догазанска Колева, Зорица Павловиќ и Светлана Стојковиќ. Воздржани беа Фатих Алиу, Башким Бесими и Ардиан Демири, додека против се изјаснија Марјана Илиеска, Кети Петкова и Анита Топалова-Исајловска.
И останатите тројца кандидати Тања Трајчевска, Дејан Петрески и Спасенка Андонова не добија доволно поддршка. „За“ Трајчевска и Андонова гласаше по еден член на Советот, додека кандидатот Петрески не доби ниту еден глас.
Кој што кажа на седницата
Иако сите гласаа, само петмина членови на Советот јавно кажаа кого ќе поддржат. Први збор зедоа поддржувачите на Бубевски.
„Доаѓам од скопското обвинителство, ги познавам сите пријавени кандидати, но мојата поддршка ја добива Гаврил Бубевски. Може личи субјективно, но зборувам објективно. Пред да дојдам во Советот, бев заменик во скопското обвинителство. Ценам дека Бубевски заслужува уште еден мандат. Кога почна со работа немаше ниту еден истражител, а сега има 13, ценам дека тоа е успех. Од неговата програма се гледа дека ова обвинителство има над еден милион евра конфискација. Оценето е најдобро за транспарентност, откако тој е шеф на обвинителството. Доколку биде избран повторно, обвинителството сигурно ќе се насочи кон финансиски истраги и конфискации, неговото знаење оди во таа насока“,
кажа обвинителот Ермон Незири.
„Сметам дека Гаврил Бубевски успешно го води Обвинителството. Ќе гласам за него, за тој што сум сигурна дека ќе може да одговори на задачите. Тој ужива углед, почит и авторитет меѓу вработените, создавајќи атмосфера за тимска работа “,
истакна Светлана Стојковиќ, членка на Советот.

Но, дел од членовите јавно истакнаа дека Бубевски е во поповолна позиција, оти досега шефувал во ОЈО Скопје.
„Ние немаме ранг-листа и факт, па сите сепак ги цениме кандидатите по лична перцепција. Во овој случај, Гаврил Бубевски можел најмногу да се покаже оти бил прв човек на обвинителството, а другите ја немале таа шанса. Според концентрацијата на предметите и опфатот, тоа е едно од најважните обвинителства и сметам дека Бубевски не покажа дека во вистинска насока го води Обвинителството. Има перцепција за заостанатост на кривични пријави, недобра соработка со МВР, заостанати предмети, обвинителите работат со мала ефикасност, сè тоа е резултат на лошо менаџирање на Обвинителството. Треба да дадеме шанса на друг обвинител, кој ќе внесе нов дух“,
кажа Кети Петкова, членка на Советот на јавни обвинители.
Марјана Илиеска, заменик-претседателка на Советот, истакна оти нејзин впечаток е дека Фидоски поседува интегритет, има визија и за примена на современи практики во работата на Обвинителството.
И Адриан Демири кажа дека е „за“ Фидоски.
„Сите се добри, одлични, меѓутоа, поради впечатокот кој јас го стекнав со интервјуто, повеќе сум наклонет кон кандидатот Анел Фидоски. Во фаза сме кога ни требаат подинамични раздвижувања и подобрување на јавното мнение. Мој избор е Анел“,
кажа тој.

Претседателот на Советот, Башким Бесими, во изјава за медиумите кажа дека секој член е независен во своето постапување. И тој посочи дека избраниот покажал добри резултати при интервјуирањето.
„Анел Фидоски доби поддршка од Советот и ние ќе го поддржиме до крај“,
кажа Бесими, чиј фаворит беше токму Фидоски.
По завршување на седницата, новинарите побараа изјава и од в.д. државната обвинителка Тополова-Исајловска, но таа ги одмина медиумските екипи.
На денешната седница, Советот избра нов шеф и на Основното јавно обвинителство Тетово. Со 10 гласа „за“, на таа позиција доаѓа Бесир Алиу.
Советот формира и комисија која ќе постапува по Правилникот за обезбедување и гарантирање на самостојноста на јавните обвинители. Ова доаѓа по известувањето на обвинителката Ленче Ристоска во кое таа му укажува на Советот за јавно искажаните наводи на премиерот Христијан Мицкоски во интервју за порталот „Вечер.мк“, во кое тој ја нарекува медиокритет и потврдно одговара на констатацијата на новинарката дека станува збор за клиентелистичко-политичка матрица.
