Поранешната прва антикорупционерка рече дека ѝ е многу тешко за ДКСК и за нејзиното реноме бидејќи, како што додаде, во институцијата е вложен многу труд за да биде изградена, но и за да се изгради довербата кај граѓаните дека постои независно тело до кое може да се обратат, да достават претставки или да поднесат предмети
Собранието е институцијата која ги избира членовите во Државната комисија за спречување корупција, и очигледно тоа треба да спроведува поголем надзор врз овие независни тела, оцени поранешната претседателка на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, во вчерашото гостување во емисијата „Вин вин“ на ТВ Телма.

Нејзиниот коментар уследи откако на актуелната претседателка на ДКСК, Татјана Димитровска, вчера Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) покрена истрага против неа во рамки на предметот „Адитив“, а Основниот кривичен суд Скопје ѝ определи мерки на претпазливост.
Ивановска рече дека ѝ е многу тешко за ДКСК и за нејзиното реноме бидејќи, како што додаде, во институцијата е вложен многу труд за да биде изградена, но и за да се изгради довербата кај граѓаните дека постои независно тело до кое може да се обратат, да достават претставки или да поднесат предмети.
„Не знам и не можам да коментирам во која насока се одвива истрагата. Во секој случај, ќе кажам дека многу, многу непријатно чувство. Вистината е како шило, верувам дека ќе излезе на површина, не сакам ништо да прејудицирам, но како и да е, во секој случај Собранието е тоа коешто ги избира кандидатите за членови на Комисијата, мислам дека треба да го зајакне својот надзор врз работењето на овие независни тела“,
рече Ивановска во гостувањето на ТВ Телма.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во рамки на истрагата за случајот „Адитив“ опфати уште три лица, меѓу кои и актуелната претседателка на ДКСК, Татјана Димитровска. Таа е осомничена дека преку апликации за пораки му оддавала службени тајни на друг обвинет во случајот.
На барање на ОЈО ГОКК, Основниот кривичен суд Скопје на Димитровска ѝ определи мерки на претпазливост.