„Кога стапи на функција заменик-министер за финансии, премиерот Димитар Ковачевски во својот анкетен лист уредно пријави сѐ што поседува. Од податоците во анкетниот лист имаме сознанија дека тој не учествува во управувањето, а ги продал и сопственичките удели во фирмата. Оттука нема основа за покренување постапка за утврдување судир на интереси“, вели претседателката на ДКСК
„Се надевам дека нема така експресно да дејствуваат како што тоа го направи денеска предвреме на прашање на еден медиум, и се надевам дека многу сериозно ќе му пристапат на овој случај, затоа што многу внимателно ќе го следиме овој случај, бидејќи во услови на криза некој профитира на грбот на граѓаните, тие на времето ги викаа воени профитери“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ
Нема основа за покренување на постапка за судир на интереси против премиерот Димитар Ковачевски, вели во изјава за МКД.мк претседателката на Државаната комисија за спречување корупција (ДКСК), Билјана Ивановска, откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја прозва Комисијата да отвори предмет за аферата која партијата ја нарече „Броило“ и според која примерот бил вмешан во бизнис за производство на струја вреден 26 милиони евра, од кои дел биле од државни тендери.

„Кога стапи на функција заменик-министер за финансии, премиерот Димитар Ковачевски во својот анкетен лист уредно пријави сѐ што поседува. Од податоците во анкетниот лист имаме сознанија дека тој не учествува во управувањето, а ги продал и сопственичките удели во фирмата. Оттука нема основа за покренување постапка за утврдување судир на интереси. Согласно Законот за спречување корупција и судир на интереси, функционерот кога стапува на функција управувањето на фирмата треба да му го довери на друго лице кое не е член на неговото семејство. Во случајов тој не е ниту сопственик ниту управител“,
вели Ивановска.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата на која претстави пакет мерки за ублажување на кризата, рече дека внимателно ќе го следат процесот со аферата „Броило“, што според него е „воено профитерство на Ковачевски и лош пример за сите во државата што имаат такви амбиции“.
Тој ја коментираше изјавата на претседателката на Антикорупциската комисија и рече оти се надева дека нема така експресно да дејствуваат како што тоа го направија денеска предвреме и дека сериозно ќе му пристапат на овој случај.
„Гледам дека денеска има став од Антикорупциска комисија, од претседателката Билјана Ивановска дека таа не видела случај без да ја види претставката која што евентуално како политичка партија би ја поднеле до Државната комисија за спречување на корупцијата. Се надевам дека нема така експресно да дејствуваат како што тоа го направи денеска предвреме на прашање на еден медиум, и се надевам дека многу сериозно ќе му пристапат на овој случај, затоа што многу внимателно ќе го следиме овој случај, бидејќи во услови на криза некој профитира на грбот на граѓаните, тие на времето ги викаа воени профитери, народот едвај крај со крај врзува, од први до први, компаниите се борат едвај да опстанат а некој на грбот на народот профитира, тргува со влијание. Тоа не е добро, тоа е многу лошо и тоа е лош пример за сите во државата кои што имаат такви амбиции, затоа многу внимателно нека го гледаат и ние ќе го следиме внимателно овој процес“,
изјави Мицкоски.
По изјавата на Ивановска реагираа и од владејачката СДСМ од каде велат дека „потонаа фабрикуваните лаги на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски кои со денови ги пласираа против претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски“.
„Државната комисија за спречување на корупцијата ги демантираше измислените афери на ДПМНЕ, нема основа за покренување постапка против претседателот Ковачевски. Тоа е очекувано и реално. Се потврди она што Ковачевски јавно го кажа, дека тој се повлекол од компанијата уште во 2020 година и дека се е транспарентно објавено во неговиот Анкетен лист. Уште еднаш се потврди дека ВМРО-ДПМНЕ не е способна за ништо освен да шири лажни вести, да конструира непостоечки афери со кои ја замајува јавноста. Сега Мицкоски, Лефков и сите оние кои јавно ширеа лаги да им се извинат на граѓаните како и на Ковачевски за сите изнесени лаги“,
се вели во реакцијата од СДСМ.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пред десетина дена излезе со обвинувања до премиерот Димитар Ковачевски, според кои фирми основани од него и негови семејни врски „вртат милионски суми во енергетскиот бизнис“, односно се вмешани, како што тврдат од партијата, во бизниси во вредност од 26 милиони евра.
„Пиксел груп – фирма основа од Ковачевски и неговиот кум Горан Паунов, заедно со фирмата КМГ ЕОЛ Квазар, фирма само на кумот Паунов, се вмешани во бизниси во вредност од 26 милиони евра! Во Соларниот Картел, Ковачевски и неговиот кум Паунов, по основањето на Пиксел груп, во 2018 година градат фабрика за производство на фотоволтаични панели во Кочани“,
рече пратеникот и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, на прес-конференција пред десетина дена.
Во наредните денови од опозициската партија одржаа серија прес-конференции на кои изнесoa обвинувања за активностите на фирмите основани од премиерот Ковачевски и неговиот кум, меѓу кои и тврдења дека компаниите добивале државни тендери во износ од неколку милиони евра.
Премиерот Ковачевски минатата недела, одговарајќи на новинарски прашања, ги оцени како очаен обид обвинувањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и побара од лидерот на опозицијата Мицкоски и членовите и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои излегоа со аферата „Броило“, да му се извинат, инаку, како што индиректно најави, ќе бара одговорност од нив врз основа на законските регулативи во државава.
По обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ со заедничко соопштението излегоа и компаниите „Пиксел груп“ и „КМГ ЕОЛ квазар“ во кое најостро го осудија „секој обид за дискредитација и обид за нашата групација да се доведе во корелација со каква било политичка структура“.