Својата перцепција учениците ја споделиле во анкетите кои се дел од предавањата во рамките на кампањата за борба против корупцијата насловена „Бидете херои на чесноста“, која неодамна почна да ја спроведува Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК)
Повеќе од половина од учениците во три основни училишта во Скопје рекле дека се сведоци на незаслужени оценки кои осамнуваат во дневниците благодарение на интервенциите на родителите кои бркаат врски за да им обезбедат барем формално подобар успех на своите деца.
Својата перцепција учениците ја споделиле во анкетите кои се дел од предавањата во рамките на кампањата за борба против корупцијата насловена „Бидете херои на чесноста“, која неодамна почна да ја спроведува Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

За досегашниот тек на кампањата, како и за конкретниот податок со незаслужените оценки како плод на барањето врски денеска во изјава за медиумите говореше претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска, за која ваквата состојба е поразителна.
„Претходно (за време на предавањата од кампањата) започнуваме со една анкета. Во досегашните анкети учениците беа многу искрени и искажаа дека повеќе од половината, околу 60-70 отсто, се сведоци на незаслужени оценки, а причината за тоа е што родителите барале врски“,
рече Ивановска одговарајќи на новинарски прашања.
Поради ова, смета таа, апелот на нивната кампања треба да биде не само до учениците, туку и до родителите и наставниците.
„Децата се една категорија, но тука се и родителите од дома и наставниците од училиштата. Родителите се тие кои треба да воспитуваат, наставниците се тие кои треба да образуваат и не треба да има мешање на едното со другото. Кога детето е веќе дадено во училиште, треба да се има доверба во просветните работници кои даваат се од себе за тоа дете да биде образувано како што треба. Не треба тие да имаат перцепција дека треба да се потпрат на родителите. И тоа им е еден одговор дека секогаш бараат помош од родителите. Значи, не треба тоа да го прават, треба сами да се борат, со свое знаење, со своја умешност, а не со помош на родителите да ги добиваат оценките, бидејќи веќе кажав дека перцепцијата е 92 отсто дека родителите бараат врски и тоа е поразително. Мора да работиме на тоа, не е битно сите да бидат со петки, затоа има оценка од еден до пет, битно е оценката да биде нивна заслужена и да се стекнат со знаење не само со оценка“,
рече Ивановска, која денеска беше основното училиште „Братство“.
ДКСК ја почна кампањата на 16 мај и оттогаш оствари посети во три училишта – првата во ОУ „Петар Поп Арсов“, потоа во „Коле Неделковски“ и денешната во ОУ „Братство“.
За поедноставно спроведување на кампањата, изјави денеска Ивановска, ангажирани се и глумци кои на ним својствен и едноставен начин треба да им ги предодачат на учениците проблемите поврзани со корупцијата со која се соочува нашето општество и да им укажат како на полесен начин да ги препознаваат и да ги следат позитивните примери, а не негативните.
„Во основа, пораката што сакаме да ја пратиме од оваа кампања е транспарентност и интегритет. Значи, без интегритет не може да има борба против корупцијата. Зошто ни се важни децата? Затоа што тие се нашата иднина и тоа што денес ќе го сработиме ќе се рефлектира во иднина. Затоа сме денеска тука“,
изјави Ивановска.