Секоја борба, секој потег или активност насочена кон борбата против корупцијата ја поздравуваме како добредојдена, но поразително е тоа затоа што ние не сме си ги завршиле сите домашни задачи

Сите укажувања и препораки што ги добиваме од странскиот фактор, вклучително и американскиот несериозно се сфаќаа и затоа ни се случува ова дека тим за санкции од Вашингтон ќе дојде во земјава да изврши увид во корупцијата, истакна претседателката на Државната комисија за спречување корупција, Билјана Ивановска на денешниот брифинг по повод 9 Декември – Меѓународен ден за борба против корупција.
„Секоја борба, секој потег, активност насочена кон борба против корупција ја поздравуваме како добредојдена. Ако се има предвид дека сите укажувања, сите препораки што ги добивавме од странскиот фактор, вклучувајќи и американскиот фактор, не се земаа доволно сериозно за самите да си ги завршиме домашните задачи и сега нормално ни се случи ова што ни се случи. Амбасадорката кажа дека е изненадена од начинот на избор на обвинителот Ислам Абази, што се презема од наша страна, дури ни тој не чувствуваше ниту морална одговорност да речеме да се повлече. Што се случи со сите негови гласачи, како општество не видовме што се случи, односно ништо не се случи. За нас е поразително тоа затоа што ние не сме си ги завршиле сите домашни задачи“,
рече Ивановска.
Таа додаде дека за високата корупција ќе биде тешко да се искорени, но ако се има искрени намери оптимистичка е дека може да се промени нешто.
„Ние сме сериозен кандидат за влез во Европската Унија, Американците нас не поддржуваат во тоа, меѓутоа вакви какви што сме, реално имаме проблем со правосудниот систем и тој проблем треба да го решиме и тие ни даваат на некој начин поттик, поддршка, помош за да го надминеме тој проблем и полесно да зачекориме на патот кон ЕУ“,
додаде Ивановска.
Горан Трпеноски, член на ДКСК рече дека е нормално е Американците така да реагираат затоа што имаат потрошено многу пари за обука на обвинителите, судиите, институциите.
„Гледајќи ги реакциите на нашите политичари сите што треба да се борат, односно сите што ги водат секторите во кои има најголема корупција сите тие сега излегуваат дека се борат против корупцијата, а еден од министрите мислам дека беше Бујар Османи кој изјави дека државата побарала тимот да дојде. Мислам дека тоа не е баш така, тоа не е реалноста. Тоа е пораз за политиката бидејќи да ти дојде тим од Америка значи дојдено е дното и не ги прифаќаат сите лаги кои им ги сервираат дека еве ние се бориме против корупцијата. Сега се дојдени за со свои уши да слушнат и со свои очи да видат каде се тие пари“,
додаде Трпеноски.
Во однос на тоа дали ќе имаат средба со тимот од Вашингтон, Ивановска истакна дека сè уште немаат точни информации дали воопшто ќе остварат средба со нив.
Членовите на ДКСК порачаа дека со самото доаѓање на тимот, ќе се изврши притисок во институциите и ќе постапат сериозно според апелите на Комисијата и нивните иницијативи.