Ако се реши случајот „Рекет“, ќе се подобри перцепцијата за корупцијата во земјава, но ќе се зголеми и довербата на граѓаните во институциите, рече денеска претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска.
Според Ивановска, и сè да не чини во државата, ако оној што пресекува – правосудството си ја заврши работата со ефект, тогаш и перцепцијата за корупцијата ќе биде поинаква. Негативни случаи секогаш имало и ќе има, но поентата е како тие ќе се решат и каква порака ќе им пратат на останатите чинители во општеството.

„За жал, ни се случи тешка и лоша работа минатата година, случајот ‘Рекет’, кој многу придонесе да се влоши перцепцијата за корупцијата во нашата држава. Добро е што се работи на овој случај, а уште подобро ќе биде ако се сработи, па луѓето малку да ја променат перцепцијата, да ја зголемат довербата во институциите“,
изјави претседателката на Антикорупциска одговарајќи на новинарски прашања пред годишната конференција во рамки на проектот „Заедно во борба против корупција“.
Оценка на Ивановска е дека, сепак, бележиме некаков прогрес. Лани биле доставени најмногу претставки од граѓаните до ДКСК, што покажува на зголемување на јавната свест, а исчекор има и во работата на институциите, иако тука има уште многу простор за подобрување.
Според Индексот на перцепција на корупцијаа за 2019-а година на Транспаренси интернешенал, објавен денеска, Северна Македонија е на 106-то место. Земјава бележи пад од 13 места. Во 2018-та, Транспаренси интернешенал ја рангирал на 93-то место.