Претседателката на новата антикорупциска комисија (ДКСК), Билјана Ивановска, во интервју за „360 Степени“ на ТВ Алсат зборуваше за постапките за вработените роднини на функционери од власта.
Тема беше и вработувањето во ЕЛЕМ.на ќерката на претседателот на Собранието, Талат Џафери и начинот на испитување на еден ваков случај, со оглед на тоа што тој на никаков начин не бил вклучен во постапката за нејзин избор.
– Но, можел да изврши влијание бидејќи неговата позиција му обезбедува моќ којашто може да придонесе да влијае на луѓето коишто одлучуваат во ЕЛЕМ, да кажеме – рече Ивановска.
Таа кажа дека при утврдување дали имало влијание, во конкретниот случај ќе се тргне од систематизацијата на ЕЛЕМ, и ќе се види дали, на пример, е креирано работно место колку да се вработи ќерката на Џафери, дали имало транспарентен оглас и дали се пријавиле повеќе кандидати, дали имало соодветни критериуми за селекција на кандидатите и дали таа била најдобрата.
– Доколку се испостави дека сето тоа е во ред, таа заслужува да работи. Секој заслужува да работи. Сите ќерки и синови некаде треба да работат. Жалосно е ако чекаат на родителите да ги вработат. Секоја професија си заслужува парче леб. Мислам дека никој за никого не треба да ургира. Ние треба да ги увериме граѓаните дека ќе успееме да имаме зајакнат институционален систем којшто ќе обезбеди квалитет. Да не се случи, како што веќе ни се случува, квалитетот и понатаму да си оди надвор од државата заради тоа што не може да се верификува тука во сопствената земја – рече Ивановска.
Таа рече дека во случај на утврдување влијание при некое вработување, комисијата може да препорача да се поништи постапката, и дека се можни и санкции за функционерите чии роднини се вработени, ако се утврди дека делувале коруптивно.
Напишете коментар