Таа го посочи примерот со ексвицепремиерот Кочо Анѓушев кој од вчера е на „црната листа“ на САД, а за кого, како што рече Ивановска, ДКСК во 2019 година поднела иницијатива до Владата за негово разрешување поради утврден судир на интереси, бидејќи тој сам учествувал во креирањето и носењето на одлуката за намалување на царината од 15 на 0 отсто на литиумските батерии, кои всушност, ги увезувала неговата фирма. На ова, како што рече, од Владата добиле одговор оти не станува збор за судир на интереси
Ако власта сака вистински да се справи со корупцијата, без оглед која е власта, треба најпрво да се погледне во огледало и да биде спремна да се справи самата со себе. Ние не видовме некој личен пример, да се откаже некој од некоја привилегија, напротив.

Ова во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма вечерва го изјави претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, оценувајќи дека последните години борбата против корупцијата е само декларативна.
„Детектирани се проблемите, детектирани се начините како да се надминат тие проблеми, меѓутоа понатаму не следи преземање на активности што треба да доведат. Значи знаеме кој е проблемот, го знаеме лекот кој е, ама пациентот не решил да го прими лекот“,
вели Ивановска.
Таа го посочи примерот со поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев кој од вчера е на „црната листа“ на САД, а за кого, како што рече Ивановска, ДКСК во 2019 година поднела иницијатива до Владата за негово разрешување поради утврден судир на интереси, бидејќи тој сам учествувал во креирањето и носењето на одлуката за намалување на царината од 15 на 0 отсто на литиумските батерии, кои всушност, ги увезувала неговата фирма.
„Меѓутоа во рокот од 60 дена, колку што има Владата да нѐ извести што презела по нашата иницијатива, нѐ известува дека тоа не е судир на интереси“,
рече Ивановска.
Според неа, со тоа Владата се ставила во улога таа да одлучува што е судир на интереси, а што не е.
Таа потсети на препораката од ГРЕКО, во која меѓу другото се вели дека во државата треба да се санкционираат и состојбите на судир на интереси.
„Зошто секогаш треба некој од надвор да ни каже дали некој работи или не работи добро, дали злоупотребува или не злоупотребува, а не се слушаат институциите кои веќе ги завршиле предметите. За Мерко беше истиот случај. Уште во 2019 година беше завршен предметот и предаден во Јавното обвинителство и во Судски совет, и никому ништо. Дури кога се стави Мерко на ‘црната листа’, тогаш имаше реакција“,
рече Ивановска.