Од 24 декември до 3 јануари сѐ ќе биде затворено, освен продавниците за храна и аптеките, напуштањето на домот ќе биде можно само ако е крајно неопходно и ќе се воведе забрана за излегување надвор од општината и забрана за сообраќај меѓу регионите
Во Италија бројот на новозаразени со ковид-19 и смртни случаи е на високо ниво и поради тоа веќе е сигурно дека за божикните и новогодишните празници ќе биде прогласен карантин на целата територија на земјата, јавија италијанските медиуми.
За еден ден се регистрирани над 17 илјади новозаболени лица, а 846 лица починале како последица од коронавирусот.
Се очекува владата денеска и официјално да прогласи дека од 24 декември до 3 јануари земјата на целата територија ќе биде во карантин.
Ова значи дека сѐ ќе биде затворено, освен продавниците за храна и аптеките, напуштањето на домот ќе биде можно само ако е крајно неопходно и ќе се воведе забрана за излегување надвор од општината и забрана за сообраќај меѓу регионите.
Претседателот на северниот регион Венето, Лука Заја, каде што епидемиолошката состојба е најкритична последните денови, ја поздрави најавата на Владата за воведување карантин, иако пред само десетина дена тој беше против и тврдеше дека новиот карантин ќе биде катастрофа.
Италија беше првата земја во Европа која на почетокот на пандемијата воведе целосен карантин, на 9 март, откако бројот на заразени со новиот коронавирус нагло порасна, како и бројот на смртни случаи. Особено погоден беше северниот дел на земјата.
Олеснувањата почнаа на 4 мај, а слободното движење со други земји беше дозволено дури на 3 јуни.
