Италија стравува од нов бран на ковид-19, кој во земјата би можел да биде внесен од граѓаните од источноевропските земји, како Романија и Србија, пишува весникот „Република“.
Загриженоста во земјата првпат јавно вчера ја искажа гувернерот на италијанската покраина Венето кој вчера на прес-конференција рече дека тестирањето покажало дека заразата од коронавирусот што циркулира во Србија е посилна од тој што е познат во Италија.
„Мутацијата на коронавирусот што циркулира низ Србија не ни е позната. Тестовите покажаа дека четворица позитивни пациенти кои стапиле во контакт со вирусот во Србија, имаат сериозни реакции“,
рече Лука Заја.
Заја алудираше на случајот со менаџер од Виченца, кој бил во Србија, двајца негови колеги и едно лице од Падова, кои имале контакт со вирусот, кого италијанските медиуми го нарекуваат „српски“. Но рече дека ситуацијата во областа е под контрола.
„Во Венето ситуацијата е под контрола, домашните жаришта не не загрижуваат бидејќи вирусот е послаб. Нѐ загрижуваат случаите кои пристигнаа од странство“,
рече Заја и притоа како пример ги наведе Србија, Косово, нашата земја, Бенин, Молдавија и Конго.
Италијанските медиуми ја пренесоа изјавата на Заја дека му наложил на локалниот институт за безбедност на храната и животните да го изолира т.н. „српски вирус“.
Медиумите во Италија, каде што епидемиолошката крива постојано опаѓа, од почетокот на јули објавуваат анализи со загриженост за она што се случува надвор од нејзините граници, особено на Балканот, каде што бројот на случаи во последните две недели постојано расте.
Италија не дозволува влез на нејзината територија за државјаните од 13 земји, а Србија е меѓу земјите надвор од шенген-зоната, која не се наоѓа на црната листа, но за нејзините државјани задолжителна е 14-дневна изолација.