Хамас веќе е наведен како терористичка организација од Европската Унија, што значи дека сите средства или имоти што ги има во ЕУ треба да се замрзнат
Италија, Франција и Германија побараа од Европската Унија да воведе санкции против Хамас и неговите поддржувачи.
„Го поддржуваме предлогот за воведување ад хок санкции против Хамас и неговите поддржувачи. Брзото усвојување на санкциите ќе ни овозможи да испратиме силна политичка порака дека ЕУ е против Хамас и е солидарна со Израел“,
се вели во писмото од тројцата министри за надворешни работи испратено до шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.
Тие нагласуваат дека е важно ЕУ да ги преземе „сите неопходни мерки против терористичката група Хамас и нејзините поддржувачи“.
„Ова подразбира посилна европска посветеност и на борбата против инфраструктурата и финансиската поддршка на Хамас, како и на меѓународната изолација и делегитимизација на Хамас, што на ниту еден начин не ги претставува Палестинците или нивните легитимни аспирации“,
се додава во писмото.
Хамас веќе е наведен како терористичка организација од Европската Унија, што значи дека сите средства или имоти што ги има во ЕУ треба да се замрзнат.
Министрите за надворешни работи на Европската Унија денеска ќе разговараат за можните следни чекори како одговор на кризата на Блискиот Исток, вклучително и прекин на финансиите на Хамас и забрана за патување на израелските доселеници одговорни за насилството на Западниот Брег.
На состанокот во Брисел, министрите од 27-те земји од блокот ќе разговараат и за идната безбедносна помош за Киев.