Поминаа точно 10 дена откако министерството за култура објави кои проекти ќе ги поддржи годинава како национален интерес.
Секоја година има незадоволни, но никогаш толку како годинава.
„Културата не може и не смее да биде монета за поткусурување и пеглање на партиски интереси на поединци“- објави минатата недела телевизијата 24 вести.
„Деновиве бев известен дека сум одбиен бидејќи сум немал доставено покана од организаторот. Јас денес дојдов да видам бидејќи знам дека доставив покана и го отворија тоа пликото со моите документи. А, вика, тука била поканата.“- објави минатата недела ТВ Канал 5.
Гласни беа и национални установи, политички партии, член на комисијата даде издвоено мислење, а друг се повлече од Советот за култура. Доволно за прв пат годишната програма да биде од интерес на друга институција.
„Новите антикорупционери ќе истражуваат дали при распределбата на средствата при годишната програма за култура се работело противзаконски“ – јави ТВ Телма на 15.02.2019 година.
Дали критиките и проверките ќе сменат нешто или се ќе остане по старо, ќе се одлучи на средба меѓу министерот за култура Асаф Адеми и премиерот Зоран Заев. Во меѓувреме, 360 степени погледна подлабоко за да провери што точно содржи програмата и дали држат критиките.
Вака, на компјутер, изгледа годишната програма за поддршка на културата. Поделена е во 11 дејности, а секоја дејност има по неколку поткатегории или вкупно 27 во целата програма. Секоја поткатегорија е ексел-документ во кој е напишано кој проект и автор е поддржан, колку пари барал авторот, колку му дава министерството и каква оценка добил проектот.
Првата важна бројка до која дојдовме е дека уметниците, локалните и национални културни установи но и професори, уставен судија, факултети побарале вкупно 28,3 милиони евра поддршка. Во оваа бројка, не се вклучени и оние што целосно беа одбиени. Вкупната сума која министерството за култура прифатило да ја исплати е околу 9,3 милиони евра.
Поделено по дејности, најмногу пари одат за музичка и музичко-сценска дејност, околу 2 милиона евра, за драмска дејност – околу 1,5 милиони евра и близу 1,3 милиони евра за издавачка дејност. Останатите добиваат од 1,1 милиони до 15 илјади евра.
Токму за дејностите во кои поддршката е најголема, имаше и најмногу реакции. Во музичка и музичко-сценска дејност, тоа беа критиките дека не се најдоа пари за скопскиот џез-фестивал. Одговорот на министерството беше – не ги доставиле потребните документи.
Според анализата на 360 Степени, најголем дел од колачот во оваа програма оди на Македонската опера и балет, на Охридско лето и на Македонската Филхармонија, за претстави и други трошоци. Или вкупно, за овие три институции одат 1,25 милиони евра.
Близу 300 илјади евра одат на контото на следните десет на ранг листата, во најголем дел приватни продукции и здруженија. Доминираат настани или фестивали од Тетово, како здруженијата Алегрето, Артал, Џезинг Арт, кои добиваат пари за фестивали, концерти и џез фестивал под Шара. Не можевме да најдеме повеќе детали за приватната фирма Инбокс Ентертејмент, бидејќи вакво име не постои во Централниот регистар. А интересна е затоа што за организација на фестивал има добиено 50,000 евра, што е најголема сума за индивидуален проект, по националните установи.
Остатокот од парите, околу 400,000 евра го делат повеќе од 100 субјекти.
Втората најголема програма, драмската дејност, беше на мета на критики пред се поради тоа што дел од театрите добиле помалку пари од лани, додека други многу повеќе. Дел од оние што критикуваа, препознаа и „етнички клуч“ во таквата распределба.
Намалени се парите за проекти на МНТ за околу 30 отсто, на Драмскиот театар за околу 10 отсто, за театарот во Битола за околу 30 отсто, за Турскиот театар исто така за 30 отсто, но и за театарот во Тетово за околу 25 отсто. Повеќе пари од лани добиваат Албанскиот театар од Скопје за речиси 30 насто и, пред се, новоформираниот театар во Гостивар, кој добива сум која е половина од наменетата за МНТ. Речиси исто како лани добил театарот Комедија.
Ако на купчето се додадат и парите за сите други добитници на средства во драмската дејност – фестивали, локални установи, правни и физички лица, па потоа се направи груба поделба според јазикот, математиката вели дека:
– околу 61% од парите одат во театри, фестивали или претстави кои ќе се играат на македонски или ги организираат институции и правни лица кои ги водат Македонци
– околу 35% од средствата завршиле кај театри, фестивали или претстави кои ќе се играат на албански јазик или ги организираат институции и правни лица кои ги водат Албанци.
– остатокот е за другите јазици.
Избор направен според јазикот, етничката или политичката припадност е критиката и за програмата за издавачка дејност. И тука направивме груба пресметка, според имињата на авторите, сопствениците на издавачките куќи или темата на книгите.
Пресметката покажа дека издавачите на македонски јазик или авторите Македонци добиле околу 55% од парите. Кај издавачите на албански јазик или авторите Албанци се доделени околу 41% од средствата. Остатокот е за организации или автори на другите јазици.
Ако се поредат по висината на добиени средства, најмногу пари од оваа програма одат за Струшките вечери на поезијата. Следува поетската манифестација Денови на Наим и семинарот за македонски јазик, а потоа повеќе издавачки куќи, како на пример Лума график, Енеа, Литера Груп, Шкупи, Ватра. Меѓу нив се и две јавно познати имиња – Арс Ламина од Скопје и Арбериа Дизајн од Тетово – компании кои повеќе години ги добиваат тендерите за печатење учебници и други владино финансирани проекти.
И едната и другата имаат добиено по околу 18,000 евра. Нивното учество отвора повеќе прашања за начинот на субвенционирање во културата, бидејќи во последните годишни финансиски извештаи имаат пријавено профити од 1,8 односно 3,2 милиони евра.
Во долгиот список на добитници може да се најдат и имињата на повеќе универзитетски професори. Некои од нивните наслови делуваат повеќе на учебници што ќе ги купуваат студентите отколку на литературни дела од национален интерес. Друг интересен пример е што меѓу списанијата за култура, субвенции има и за политичкиот месечник „Шења“.
Меѓу добитниците има и политички интересни имиња. На пример, близу 6,000 евра добило здружението ДИВАН, каде меѓу основачите се јавува пратеникот Зеќир Рамчиловиќ. Ова здружение добило пари и минатата година, но тогаш значително помалку, околу 2,500.
Клучно е тогаш прашањето – по кој принцип е одлучено кому колку пари да му се дадат. Министерството тврдеше дека за прв пат има бодување кое е транспарентно објавено. Но, токму таму има голем проблем.
Еве три проекти во издавачката дејност кои биле оценети исто, со 80 бода, а добиле различен процент од средствата што ги побарале. Проектот на издавачката куќа Вока 4 е подржан со 45% од побараните средства, проектот на „Фуркан-ИСМ“ со 46% а проектот на Лума график со 80% од побараните средства.
Ако за репер ја земеме висината на побараните средства, овие четири субјекти предложиле проекти за кој барале поддршка од 100,000 денари. Александар Кујунџиски добил 86 бода за својот проект, а му биле одобрени 50% од побараните пари. Сите останати во оваа табела добиле помалку поени за своите проекти, но повеќе пари. Врв на нелогичноста во овој пример е тоа што авторката Стефани Арсовска, чиј проект е најниско оценет во оваа конкуренција со 78 бода, добила најмногу – дури 70% од тоа што го побарала.
И за крај, само во издавачката дејност, се подржани околу 750 проекти. Владата ја зголеми транспарентноста за секој да може да види кој за што добил, но се уште нема каде да се провери – дали сите проекти за кои се дадени пари на крај навистина се реализираат. И како!?
Напишете коментар