Дури 76 проценти од граѓаните би излегле да гласаат на избори, покажува истражувањето спроведено од Националниот демократски институт и ТИМ Институт.
Истражувањето е спроведено во периодот од 26 февруари до 5 март годинава, на примерок од 1 212 испитаници, со маргина на грешка од плус/минус 2,81 проценти. Станува збор за обемно истражување чии наоди се презентирани на стотина страници.
ПОДГОТВЕНОСТ ЗА ГЛАСАЊЕ И ПОДДРШКА ЗА ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ
Истражувањето е спроведено пред да се одложат изборите кои беа закажани за 12 април, па така на прашањето колку е веројатно дека ќе гласаат, 76 проценти одговориле дека би гласале (44,2 рекле дека дефинитивно ќе гласаат, а 32,3 дека веројатно ќе гласаат).

На прашањето „Доколку парламентарните избори се одржуваат денес, за која партија би гласале“, во предност со околу 3 проценти, според резултатите, е СДСМ.
22,9 проценти рекле дека ќе гласаат за социјалдемократите (од нив 90 проценти рекле дека дефинитивно ќе гласаат за СДСМ, а 10 дека можеби ќе се премислат).
Дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, пак, рекле 19,6 проценти (од нив 83,8 рекле дека дефинитивно ќе ја поддржат оваа партија, а 6,2 дека можеби ќе се премислат).
Од партиите во албанскиот блок, пак, во предност е ДУИ со 7,2 проценти. Веднаш потоа е коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива со 5,8 проценти, додека Движењето Беса има 1,7 процент.
Меѓутоа, од вкупниот број на испитаници во истражувањето, 14,1 проценти одбиле да одговарат на ова прашање, а 11,2 одговорите со „не знам“.

Кога станува збор за состојбата според етничката припадност, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се со ист рејтинг кај Македонците.
На прашањето „Доколку парламентарните избори се одржуваат денес, за која партија би гласале“ од Македонците и за двете партии се изјасниле по 28 проценти. Кај албанските гласачи, пак, дека ќе гласаат за СДСМ одговориле 4 проценти, додека за ВМРО-ДПМНЕ овој процент е речиси нула – 0,3 проценти.

Во истражувањето имало прашања и за благонаклонетоста на граѓаните кон партиите.
Резултатите покажуваат дека 41 процент од граѓаните се благонаклонети кон СДСМ (17 проценти се многу благонаклонети, а 24 донекаде).
Кај ВМРО-ДПМНЕ, пак, ваквиот резултат е помал за 13 проценти односно благонаклонетост кон опозициската партија има кај 18 проценти (12 се многу благонаклонети, а 16 донекаде).
Партиите од албанскиот политички блок, пак, се речиси со исти резултати. За ДУИ и БЕСА многу или донекаде благонаклонетост има кај 16 проценти, додека за коалицијата Алијанса за албанците и Алтернатива овој процент изнесува 17.

Кога санува збор за благонаклонетост кон партиските лидери, во водство е Зоран Заев со 44 проценти (19 се многу благонаклонети, а 25 донекаде).
„Она што е интересно е дека иако етничките Албанци изјавуваат дека ќе гласаат за нивните етнички партии, истите не се благонаклонети кон нивните партии и лидери, но истовремено имаат донекаде позитивно мислење за СДСМ и за Зоран Заев“,
заклучуваат истражувачите.
Втор на листата е Христијан Мицкоски со 25 проценти (10 многу благонаклонети, а 15 донекаде).
Кај лидерите на албанските партии трката е речиси изедначена. Али Ахмети има 16 проценти, Зијадин Села 17, Билал Касами 15, а Африм Гаши 11.

ВИСОКА ПОДДРШКА ЗА ЧЛЕНСТВАТА ВО НАТО И ЕУ
Се испитувала и поддршката за членствата во НАТО и во ЕУ, кои според резултатите уживаат голема поддршка кај населението.
Така, вкупната поддршка за приклучување кон НАТО е 79 проценти, додека за ЕУ е 82.


ГРАЃАНИТЕ СЕ НЕЗАДОВОЛНИ ОД ВЛАДЕЕЊЕТО НА ПРАВОТО И БОРБАТА СО КОРУПЦИЈАТА
Истражувањето го покажува и задоволството на граѓаните од важните реформи, но генерално владее незадоволство. Така, на пример, од моменталната состојба во владеењето на правото задоволни се 31 процент, додека незадоволни се 65 проценти.
Од намалувањето на корупцијата, задоволни се само 26 проценти, додека високи 70 се незадоволни.
Единствено задоволството преовладува над незадоволството кај слободата на изразување за која се задоволни 64 проценти, додека незадоволни се 30.

НА 26 ПРОЦЕНТИ НЕ ИМ СЕ ДОПАЃА ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР, НО СМЕТААТ ДЕКА БИЛ НЕОПХОДЕН
Преспанскиот договор исто така, се нашол во ова истражување.
На прашањето „Која од следниве изјави најблиску го отсликува вашето мислење од денешна гледна точка во врска со Преспанскиот договор?“, 31,2 проценти од испитаниците одговори дека се спротивставуваат на овој договор.
32,1 процент одговориле дека го поддржуваат, додека 26,2 рекле дека не им се допаѓа, но веруваат дека беше неопходен.

Одделно состојбата според етничката припадност е прикажана на графиконот во продолжение.

Во однос на тоа дали ВМРО-ДПМНЕ ќе го ревидира Преспанскиот договор кога ќе дојде на власт, 29 проценти одговориле дека веруваат во тоа, додека 34 проценти рекле дека не се согласуваат со тоа.


Еден од наодите на истражувањето е и за довербата во институциите.
„Општо земено, сите институции, партии и политичари имаат низок рејтинг, со изразено високо ниво на целосна недоверба или многу неблагонаклонето мислење“,
заклучуваат истражувачите.
ИНСТИТУЦИИТЕ СЕ СО НИСКА ДОВЕРБА
Ниту една институција нема доверба поголема од 35 проценти.
Највисока има претседателот на државата – 35 проценти (12 имаат целосна доверба, а 23 проценти донекаде). Довербата во владата, пак, е 25 проценти. Исто, како и во медиумите.
Најниска доверба имаат судовите со 12 проценти и јавното обвинителство со 16 проценти.

ИДЕАЛНИ ЛИДЕРИ: ПУТИН, КУРТИ, ТРУДО, МЕРКЕЛ…
Неопределените гласачи, пак, зборувале и за тоа кој за нив е идеален светски лидер. Тапа, според нивната перцепција, на листата се нашле канадскиот премиер Џастин Трудо, германската канцеларка Ангела Меркел, поранешниот американски претседател Барак Обама и турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган. На листата е и рускиот претседател Владимир Путин, кој е особено популарен кај Македонците, како и косовскиот премиер Албин Курти, особено популарен кај Албанците.

