Најголемиот број од испитаниците во истражувањето – 212 лица, односно 41,7 отсто одговориле дека насилството е мотивирано од омраза кон противничкиот клуб, а значаен број 101 испитаник или 19,8 отсто одговориле дека насилството се случува поради етничката и верската припадност на навивачите или клубот со кој се натпреваруваа
Бројката од 19,8 отсто од испитаници кои се изјасниле дека насилството е мотивирано од меѓуетничка или меѓуверска омраза треба да биде алармантна затоа што таа може да се прелее и на остатокот од општеството и да расте, предупредуваат авторите на истражувањето
Омраза кон противничкиот клуб е најчестата причина за насилство на спортските терени. Ова се податоците до кои е дојдено во истражувањето на НЕКСУС – Граѓански концепт, насловено „Идентификација на фактори кои влијаат врз насилството на спортските терени”.
Примерокот во истражувањето опфаќал 518 испитаници, од кои 509 биле комплетно пополнети и ги задоволиле критериумите да бидат обработени и анализирани. Истражувањето е спроведено на Инстаграм.
„Податоците добиени од анкетниот прашалник не се само сувопарни бројки, туку надополнети со податоците од интервјуата кои даваат длабински увид во факторите кои се поврзани со насилството на спортските натпревари“,
се додава во извештајот.

Половата структура на примерокот била 72,3 отсто жени и 27,7 отсто мажи од кои 90,2 отсто се на возраст од 18 до 23 години, 7,7 отсто од 24 до 29 години и 2,2 отсто од 13 до 17 годишна возраст. Етничката припадност на поединците во примерокот е 90,8 отсто Македонци, 2,8 се Албанци, 3,3 Турци, 1,4 Срби, 0,4 Роми и 1,4 отсто се други етнички групи.
„Интервјуата беа потребни за да дојдеме до сознанија за факторите кои придонесуваат за користење на насилство во спортот, од луѓе кои се специјалисти, кои се инсајдери и кои се поупатени во тематиката. Лицата кои беа интервјуирани беа од различни профили кои се поврзани со насилството на спортските натпревари. Идејата беше тие со своите инсајдерски информации подобро да ја расветлат ситуацијата со насилството на спортските натпревари од различни аспекти. Меѓу профилите на луѓе кои дадоа интервју беа навивачи, лице кое се занимава со обезбедување на спортски натпревари, политичар – градоначалник, медиумски работник и спортист. Интервјуата беа структурирани, така да одговараат на профилот и специјалноста на интервјуираното лице“,
се наведува во Извештајот.

Прашањето за причините поради кои се случува насилство на спортските натпревари покажува дека навивачите не се однесуваат рационално, туку пред се се водени од негативни емоции.
„Имено, 38 односно 7,5 отсто од испитаниците одговориле дека насилството се случува заради политичкото влијание, односно дека навивачите кога се однесуваат насилно се политички инструментализирани и манипулирани од политички фактори. Најголемиот број од испитаниците 212 односно 41,7 отсто одговориле дека насилството е мотивирано од омраза кон противничкиот клуб. Значаен број испитаници 101 или 19,8 отсто одговориле дека насилството се случува заради етничката и верската припадност на навивачите/клубот со кој се натпреваруваат. Само 29 или 5,7 отсто од испитаниците одговориле дека насилството се случува за финансиска добивка, што значи дека не е одраз на негативни чувства кон противнички навивачи, нивна етничка или верска припадност, туку повеќе начин како да се оствари финансиска добивка. Голем е бројот на испитаниците кои кажале дека постојат други причини, кои не се идентификувани во прашалникот, а кои предизвикуваат насилничко поведение кај навивачите. Тоа укажува дека се потребни продлабочени, дополнителни сондажи на мотивите поради кои се случува насилничко поведение“,
се наведува во Извештајот и се додава дека за етнички и верски хетерогено општество како македонското, значајно е што доминантните мотиви за насилничко поведение се спортски (41,6%), а не етнички (19,8%).

Бројката од 101 испитаник или 19,8 отсто, се наведува во Извештајот, од испитаници кои се изјасниле дека насилството е мотивирано од меѓуетничка или меѓуверска омраза треба да биде алармантна, затоа што таа може да се прелее и на остатокот од општеството и да расте. Оттука, се потребни сериозни мерки за запознавање на луѓето со различна етничка и верска припадност, организирање заеднички активности, надминување на стереотипите за одделните етнички и верски заедници. Тоа мора да бидат долгорочни и континуирани проекти кои треба да станат приоритет за општеството.
Привлекува внимание фактот дека е мал бројот на луѓе кои посочуваат дека политичките влијание се причината за насилничкото поведение. Само 38 испитаника или 7,5 отсто од испитаниците одговориле дека политичкото влијание е клучно за насилничкото поведение на навивачите. Сепак, се чини дека политиката е латентно присутна во спортските клубови. Нејзиното присуство на прв поглед можеби не е очигледно, но таа е инволвирана во работењето или во најмала рака во надгледувањето на случувањата во спортот.
Најмал број од испитаниците 29 или 5,7 отсто сметаат дека инцидентите и насилничкото поведение на навивачите се мотивирани од финансиски побуди.
Според половата структура на испитаниците најзначаен фактор поради кој се случува насилството е омразата кон противничкиот тим. Загрижувачки е фактот што кај двата пола, како втора најзначајна причина поради која се случува насилство на спортските натпревари е наведена етничката припадност.
Според етничката припадност на испитаниците различни се причините за насилството. поголемиот број од испитаниците етничките Македонци сметаат дека причината е омразата кон противничкиот тим. Истата причина ја наведуваат и повеќето испитаници етнички Турци и етнички Срби. Најголемиот број испитаници етнички Албанци и етнички Роми пак, сметаат дека причината е етничката припадност.
Резултатите, како што се наведува во Извештајот, укажуваат на потребата од менување на образецот на навивачката култура во државата, на политиките кои треба да се спроведуваат и институциите за нивното спроведување.
„Имајќи ги предвид резултатите од истражувањето мора да се размислува за моделот на навивачи, навивање и навивачки групи кои треба да се моделираат и промовираат, и оние кои треба да се маргинализираат. Добар пример за тоа е трансформацијата на навивањето на фудбалските натпревари во Англија. Навивачите треба да го поддржуваат својот тим, да постои одреден степен на ривалитет со другите клубови, но тоа не смее да прерасне во омраза. Спортот, а особено фудбалот не треба да биде заробеник на мала група хулигани, кои се добро поврзани меѓусебно, а често пати и со клубот кој го поддржуваат, туку треба да се отвори кон просечниот граѓанин. На тој начин, спортот ќе добие поголема публика, повеќе внимание во медиумите, повеќе финансии и поголем развој“,
стои во Извештајот од истражувањето на НЕКСУС Граѓански концепт.
Надминувањето на насилничкото поведение на спортските натпревари, се додава таму, и избегнувањето на насилничко поведение на трибините е прв предуслов за комерцијализирање и развој на спортот во целина, а особено фудбалот како најпопуларен спорт ширум светот, но и во Република Северна Македонија.