Министерот за здравство рече дека во зависност од барањата и потребата на пациентите, во кочанската болница ќе бидат испратени медицински тимови составени од пластични хирурзи, психолози и психијатри, а доколку има потреба ќе се вклучи и дополнителен здравствен персонал
Се што беше побарано од нас во однос на медицинска документација го предадовме на истражните органи, а што се случува понатаму и што прават тие, ниту ме интересира, ниту пак сум прашал бидејќи веројатно си ја тераат процедурата, вели министерот за здравство Арбен Таравари. Тој вели дека и понатаму ќе продолжат да соработуваат со истражните органи и оти доколку се побараат нови информации, тие веднаш ќе постапат.
„Истражните органи си ги знаат процедурите и не би сакал да се мешам во таа работа“,
рече Таравари.

Во однос на спремноста на медицинските тимови за кои беше најавено дека ќе бидат испратени во Кочани за да помогнат со тријажа и медицинска нега на лицата кои беа повредени во пожарот во „Пулс“, Таравари изјави дека се што ќе биде побарано од кочанските доктори, министерството ќе го обезбеди.
„Одредени тимови од пластична хирургија веќе беа и ќе продолжат да одат, комуницираме со сите пациенти и тие што се испишани и тие што се на болничко лекување, во тек сме и какви ќе бидат барањата, така ќе постапуваме“,
кажа министерот за здравство.
Директорката на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, д-р Јасмина Ѓоргиевска Павловска пак рече дека клиниката ги има истите услови за работа како и клиниките во странство и оти третманите на повредените ќе зависат и од степенот на оштетување и на лузните на кожата. Таа рече дека уште од првиот момент на несреќата, докторите се трудат да ги превенираат и да ги сведат на минимум лузните на пациентите.
„Им препорачуваме хидратантни кремови од медицинска козметика, без парфеми и бои, со заштитен фактор 50. Најдобро е воопшто да не излегуваат на сонце за лузните да не пигментираат. На сите пациенти им се дадени пакетчиња со креми за соодветен третман. Се имаме и ние што се нуди надвор. Имаме и хирурушки зафати за ставање експандери за експандирање на нормалната кожа за да се покријат лузните на лицето и рацете“,
изјави д-р Јасмина Ѓоргиевска Павловска.
Претходно, Таравари соопшти дека уште пет пациенти што се повредени во пожарот во Кочани, а кои се хоспитализирани во болниците во Скопје денеска ќе бидат пуштени на домашно лекување, а од оние пациенти што беа пратени на лекување во странство, денеска се враќаат двајца и тоа од Литванија и од Шведска.