Актуелниот налог за апсење на претседателот на Јужна Кореја важи до 6 јануари и им дозволува на истражителите да го задржат само 48 часа. Потоа, тие мора да одлучат дали ќе побараат притвор или ќе го ослободат
Јужнокорејските власти денеска не успеаја да го уапсат претседателот на земјата Јун Сук Јеол, кој беше отповикан од функцијата откако се обиде да воведе воена состојба во земјата на 3 декември лани.

Тие, како што пренесуваат светските медиуми, биле спречени од службите задолжени за безбедноста на претседателот.
Како што се наведува во медиумските извештаи, официјални лица на Канцеларијата за истражување корупција на Јужна Кореја (ЦИО) пристигнале во резиденцијата на Јеол, околу 7 часот по локално време, но кога влегле во комплексот заедно со полицијата се соочиле со припадниците на претседателската служба за безбедност и со воени единици.
Министерството за национална одбрана на Јужна Кореја соопшти дека овие војници се под контрола на претседателските безбедносни служби, пренесува Ројтерс.
Неколку часа подоцна, односно околу 13:30 часот по локално време, Канцеларијата за истражување корупција се откажала од обидот за апсење на претседателот, плашејќи се безбедноста на својот персонал. Оттаму навеле дека длабоко жалат што претседателот Јеол не го испочитувал налогот за негово апсење.
„Се проценува дека поради настанатиот застој практично е невозможно да се изврши налогот за апсење“,
објавила Канцеларијата.
Адвокатот на јужнокорејскиот претседател во меѓувреме изјавил дека извршувањето на налогот за апсење на Јеол е незаконско и дека тој ќе преземе правни мерки, без да откриен повеќе детали.
Актуелниот налог за апсење на претседателот на Јужна Кореја важи до 6 јануари и им дозволува на истражителите да го задржат само 48 часа. Потоа тие мора да одлучат дали ќе побараат притвор или ќе го ослободат.
Ова е прв налог издаден во Јужна Кореја за апсење на актуелниот претседател. Тој беше одобрен од јужнокорејскиот суд на 30 декември поради кривична истрага во врска со потенцијалните обвиненија за организирање бунт со кој се соочува Јеол.
Инаку, обвинението за бунт е едно од ретките за кои јужнокорејскиот претседател нема имунитет.
Неуспешниот обид на Јеол да воведе воена состојба ја шокира нацијата, но тој беше отфрлен само неколку часа подоцна по големите реакции на јавноста.
Оттогаш земјата е во политичка криза. Националното собрание гласаше за импичмент на Јеол на 14 декември, а Уставниот суд отвори постапка за да донесе конечна одлука дали гласањето на парламентот е уставно или не.
Во моментов функцијата претседател ја извршува Чои Санг Мок, кој на неа стапи во петокот откако пратениците гласаа за импичмент на претходниот вршител на должноста претседател Хан Дак Су. Тој на функцијата беше едвај две недели по отповикувањето и суспендирањето на Јун Сук Јеол.
Одлуката да воведе воена состојба Јеол ја бранеше со наводите дека тоа го сторил за да ја заштити нацијата, а своите политички противници ги означи како антидржавни сили.