Според информациите од МВР и ОЈО, осомничените му овозможиле на носителот на набавката да прибави противправна имотна корист во износ од 46 918 079 денари и со тоа му нанеле штета од големи размери на Јавното претпријатие за државни патишта

Против пет физички лица и една фирма, Министерството за внатрешни работи (МВР) до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривични пријави за злоупотреби на јавна набавка за избор на фирма за физичко обезбедување на 14 наплатни станици на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
Од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје попладнево информираа дека повеле постапка против овие пет лица и фирмата, а до Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за определување мерка притвор за првиот осомничен, додека за останатите се бараат мерки на претпазливост.
Според информациите од МВР и ОЈО Скопје, осомничените му овозможиле на носителот на набавката да прибави противправна имотна корист во износ од 46 918 079 денари и со тоа нанеле штета од големи размери на Јавното претпријатие за државни патишта.
Како што информираат од МВР, кривичната пријава е поднесена против 54-годишниот Џ.Б. од Кичево, Е.Р. (56) од Тетово, Е.Љ. (61) од Тетово, М.Б. (48) од Скопје и Д.З. (39) од Тетово и против правен субјект од Кичево.
Во описот од МВР и од Обвинителството се вели дека против тогашниот управител на фирмата од Кичево и правното лице е поведена истрага за кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“ од член 275-в од Кривичниот законик, додека за останатите четворица – тогашен директор на Јавното претпријатие, еден од потписниците на договорот и двајца надлежни за контрола на реализацијата, се води постапка за кривични дела кои опфаќаат злоупотреба на службена положба и овластување и фалсификување службени исправи.
Со договорот за јавна набавка, склучен на 08.08.2022 година, се наведува во соопштенијата, осомничениот управител на агенцијата за обезбедување се обврзал две години да врши континуирано 24-часовно физичко обезбедување на сите 14 наплатни станици на Јавното претпријатие за државни патишта.
„Иако согласно потпишаниот договорот бил должен, не се придржувал кон обврската и за целиот период од договорот вршел само делумно физичко обезбедување, најчесто само во прва смена, а на договорниот орган фактурирал услуги како да било вршено 24-часовно физичко обезбедување за целиот период на договорот се до неговото раскинување“,
се вели во описот од МВР и од ОЈО.
Оттаму додаваат дека тогашниот директор на јавното претпријатие, кој иако не се споменува директно сепак од иницијалите може да се претпостави дека станува збор за Ејуп Рустеми, бил должен да се грижи за законитоста во работата и примената на прописите, статутот и другите акти, како и да врши контрола дали извршувањето на договорот за јавна набавка е во согласност со условите, но не ја извршил таа должност и го пропуштил должниот надзор над носителот на јавната набавка иако знаел дека физичкото обезбедување се врши само делумно.
Двајца осомничени, раководители на одделение за наплата на патарини и контрола, исто така имале задолжение да го следат договорот и неговото исполнување, да вршат контрола во извршувањето, одобрување на работни налози за извршување на услугата, испратници, следење на квалитетот на извршените услуги и проверка на доспеаните фактури, како и да изготвуваат извештаи дали договор е целосно реализиран.
Таквите контроли, како што се вели во соопштенијата, не ги вршеле во целост и иако знаеле дека обезбедувањето се извршува само делумно најчесто во прва смена, ги потпишувале барањата за одобрение за плаќање.
„Вториот потписник на договорот бил запознаен со бараната спецификација, но и покрај тоа ги одобрувал барањата и одобренијата за плаќање, по што ги одобрувал и доспеаните фактури кои потоа биле реализирани во корист на Агенцијата за обезбедување“,
додаваат од институциите.