Според објаснувањето, судскиот документ ги содржи доказите врз основа на кои е издаден налогот за претресе што го извршија агентите на ФБИ минатата недела во куќата на Трамп Мар-а-Лаго, чија цел беше да се утврди дали има злоупотреби со владините досиеја кога тој ја напуштил претседателската функција
Според делови од извештајот кои беа објавени во јавноста, единаесет комплети доверливи датотеки се пронајдени на имотот
Американското Министерство за правда соопшти дека нема да објави детали за налогот за претрес во домот на Доналд Трамп на Флорида минатата недела, бидејќи може да предизвика „ненадоместлива штета“ во истрагата која е во тек.
Според објаснувањето, судскиот документ ги содржи доказите врз основа на кои е издаден налогот за претресе што го извршија агентите на ФБИ минатата недела во куќата на Трамп Мар-а-Лаго, чија цел беше да се утврди дали има злоупотреби со владините досиеја кога тој ја напуштил претседателската функција.
Ова е прв пат истражните служби да влезат во домот на експретседател во рамки на кривична истрага.
Според делови од извештајот кои беа објавени во јавноста, единаесет комплети доверливи датотеки се пронајдени на имотот.
Неколку новински организации поднесоа барање за отстранување на ознаката тајност од налог и тој во целост да биде објавен. Но, обвинителите вчера рекоа дека таквиот потег „ќе предизвика значителна и непоправлива штета на тековната кривична истрага“.
„Доколку биде обелоденето, изјавата ќе послужи како патоказ за тековната истрага на владата, обезбедувајќи конкретни детали за нејзината насока и веројатниот тек, на начин што е многу веројатно да ги компромитира идните истражни чекори“,
се вели во писмениот одговор од американското Министерство за правда.
Воедно се истакнува дека истрагата вклучува „високо доверливи материјали“.
ВчераТрамп обвини дека агентите на ФБИ му одзеле три негови пасоши за време на претресот – чекор што вообичаено би бил преземен само ако истражителите сметаат дека има опасност за бегство.
„Ова е напад врз политички противник на ниво што досега не е видено во нашата земја. Трет свет!“,
напиша Трамп на неговата платформа за социјални медиуми, „Трут Сошл“.
Извор од органите за спроведување на законот подоцна за Си-би-ес Њуз, американски партнер на Би-би-си изјави дека пасошите на Трамп му биле земени од истражителите на 8 август.
Подоцна од тимот на Трамп соопштија дека добиле електронска пошта од Министерството за правда во која пишува дека одземените три пасоши кои му припаѓале на претседателот Трамп, од кои два се истечени и еден е неговиот активен дипломатски пасош можат да бидат подигнати.

Според извештаите на американските медиуми, пасошите му биле вратени вчера.
Од Федералното биро за истраги и Министерството за внатрешна безбедност на САД предупредија дека безбедносните агенции се соочуваат со зголемени закани. Директорот на ФБИ, Кристофер Реј истакна дека заканите против безбедносните служби „треба длабоко да ги загрижат сите Американци“, поради тоа што го „поткопуваат почитувањето на владеењето на правото и вршат против услуга на храбрите припадници на службите кои прават голема жртва во заштитата на другите“.
Политичките сојузници и конзервативните медиуми ја искритикуваа постапката на ФБИ, користејќи ги тврдењата на Трамп дека целата работа е политички мотивирана.
За време на викендов мала група на воружени поддржувачи на Трамп протестираа пред канцелариите на ФБИ во Феникс, Аризона,а протестот беше мирен без инциденти.
Инаку, Министерството за правда на САД го истражува Трамп за можни прекршувања на Законот за шпионажа и други прекршоци, откако ФБИ откри доверливи документи во домот на Трамп во Флорида. Тој ги отфрли овие обвиненија и посочи дека станува збор за претерана реакција, токму во момент кога тој најави претседателска кандидатура во 2024 година. Истоврмено, во тек се и серија јавни расправи за неговата улога во настаните што доведоа до нападот на Капитол по изборите минатата година.