Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени соизвршители бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, дека ќе ја попречуваат истрагата со влијание врз сведоците и околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го довршат обиденото кривично дело

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица, браќа на возраст од 43 и 44 години, под основано сомнение дека како соизвршители се обиделе да извршат убиство. Тие се товарат за кривично дело убиство од член 123 став 2 точка 3 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.
Според информациите од обвинителството, инцидентот се случил на 6 јуни, во близина на автоплац во скопското село Шишево. Двајцата браќа со умисла се обиделе да лишат од живот едно лице, притоа загрозувајќи ги животите на уште две други лица кои биле присутни.
До настанот дошло по сообраќаен инцидент што се случил претходно. Братот на оштетениот и првоосомничениот се разминале со своите возила, при што дошло до контакт помеѓу нивните ретровизори. По ова, започнала вербална расправија во која осомничениот го фатил другиот возач за врат и му упатил сериозни закани. Двајца сведоци успеале да ја смират ситуацијата, но конфликтот не завршил тука.
Потоа нападнатиот ја зел сопругата од работа и го повикал својот брат за заедно да проверат дали патот е безбеден за да се вратат назад. Меѓутоа, во близина на местото каде што се случил првиот инцидент, двајцата осомничени браќа, вооружени со пиштоли, веќе ги чекале скриени во грмушките.
Првоосомничениот испукал два куршуми, а едниот го погодил во главата братот на првично нападнатиот возач, нанесувајќи му тангенцијална повреда, додека со истрелите директно биле загрозени и останатите две лица.
„Бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, особени околности укажуваат дека ќе ја попречуваат истрагата со влијание врз сведоците и особени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го довршат обиденото кривично дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени соизвршители“,
се наведува во официјалното соопштение на Јавното обвинителство.
