Оттаму информираат дека уште од преземањето на работата на рудникот „Тораница“ во декември 2016 година вршат редовни технички прегледи и одржување на опремата и сите технолошки системи, кои согласно со А-интегрираната еколошка дозвола го известуваат Државниот инспекторат за животна средина
На 14 март 2025 година, кога поради дефект на водородна цевка истече јамска подземна вода во Крива Река, ги информиравме сите надлежни институции, но и јавноста, а истовремено постапивме согласно пропишаните правила и протоколи, велат од компанијата „Булмак 2016“, која стопанисува со рудникот „Тораница“.

Со ова, компанијата ги отфрла обвинувањата кои уследија по прес-конференцијата на градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, кој соопшти дека извештајот од испитаните примероци на водата во реката еден ден по хаваријата во рудникот „Тораница“ покажува дека концентрацијата на олово во Крива Река е зголемена за десет пати повеќе од дозволеното, а за неколку стотици пати на цијанид, фосфор и азот.
„Од дефектната цевка е истечена исклучиво атмосферска вода. Во неа, освен природни механички нечистотии (ситни честички и зрна од карпести материјали) мобилизирано од поројниот тек, не содржи никакви хемиски или друг вид супстанци и материи што се резултат на технолошкиот процес од флотацијата на рудникот“,
велат од компанијата.
Во меѓувреме, велат дека е усогласена Спогодба со Министерството за животна средина и просторно планирање, со која се уредени идни чекори како мерки кои произлегуваат од овој случај, а ќе очекуваат ресорното министерство да се произнесе со финална потврда на утврдените параметки од Спогодбата.
„Повикуваме на одговорност и работа исклучиво согласно законските процедури. Апелираме да не се шпекулира, туку да се почекаат официјалните наоди кои ќе ги изготват надлежните институции и органи. Со тоа, ќе се спречи создавање лажна слика поврзана со овој случај во јавноста“,
се вели во соопштението од „Булмак 2016“.
Оттаму информираат дека уште од преземањето на работата на рудникот „Тораница“ во декември 2016 година вршат редовни технички прегледи и одржување на опремата и сите технолошки системи, кои согласно со А-интегрираната еколошка дозвола го известуваат Државниот инспекторат за животна средина.
„Одговорно тврдам дека во непредвидливата и ненадејна ситуација е излеана исклучиво јамска подземна вода која не содржи никакви хемиски материи што би можеле да влијаат врз екосистемот на Крива Река“,
вели Љупчо Георгиевски, инженер за животна средина во „Булмак 2016“.
Од компанијата бараат институциите да ги најдат вистинските причинители за еколошка катастрофа, доколку се потврди дека таа навистина постои.
Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, денеска на прес-конференција соопшти дека концентрацијата на олово во Крива Река е зголемена за десет пати повеќе од дозволеното, а за неколку стотици пати на цијанид, фосфор и азот, покажал извештајот од испитаните примероци на водата во реката еден ден по хаваријата во рудникот „Тораница“.
Претходно Министерството за животна средина и просторно планирање соопшти дека БУЛМАК 2016 ДООЕЛ Пробиштип, подружница рудник „Тораница“ – Крива Паланка, е казнет со 200 илјади евра за инцидент во кој пукнала цевка преку која се доведува технолошката вода од таложникот за јамски води до погонот флотација, прекршок кој е од трета категорија.
Инцидентот со хаваријата се случил на 14 март, а инспектор за животна средина на рудникот „Тораница“ направил увид истиот ден и констатирал дека има само заматување, односно механичко онечистување.
Но, поради бурните реакции и загриженоста на населението, градоначалникот на Крива Паланка ангажирал приватна и независна лабораторија за земање мостри од Крива Река, која констатирала излевање на опасна течност во водите на реката со алармантно присуство на тешки метали: олово, арсен, цијанид.
Од опозициската СДСМ попладнево соопштија дека постојат сериозни сомнежи дека државните институции свесно прикривале информации и намерно ја дезинформирале јавноста во врска со еколошкиот инцидент на 14 март во Крива Река.