На денешните избори за градоначалник на Општината Маврово и Ростуша до 15 часот на гласање изглегле 34,41% од запишаните избирачи што значи дека е исполнет законскиот услов за минимален одѕив од една третина за изборите да бидат успешни.
Според податоците што ги објавува Државната изборна комисија (ДИК), во апсолутни бројки, до 15 часот, во Маврово и Ростуша гласале 3 423 гласачи од вкупно запишаните 9 948.
Изборниот законик пропишува дека во првиот круг од гласањето за градоначалник е избран оној кандидат кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку на изборите излегле една третина од вкупниот број на избирачи запишани во избирачкиот список.
Со оглед на тоа што во општината Маврово и Ростуше има двајца кандидати, изборите би можеле да завршат денеска ако еден од кандидатите освои мнозинство од оние што гласале (најмалку 50% + еден глас). Теоретски е возможно дури и при исполнет услов за минимална излезност од една третина, ниеден од кандидатите да нема мнозинство (во случај на тесна трка и одреден број неважечки ливчиња) што би значело дека ќе се оди на втор круг во кој ќе се пласираат истите двајцата кандидати. Во вториот круг победува оној со поголем број гласови (нема потреба од мнозинство ниту минимален одѕив).
Ова е трет обид Маврово и Ростуша да добие нов градоначаник откако на ланските редовни и на повторените избори во април годинава немаше доволна излезност.