Директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Елена Петрова, рече дека исплатата не може да почне додека не помине ребалансот оти не биле испланирани доволно средства за цела 2024 година
Исплатата на паричните средства од „Мој ДДВ“ за периодот април, мај и јуни нема да започне пред да се донесе ребалансот на Буџетот за 2024 година бидејќи, како што вели директорката на Управата за јавни приходи Петрова, во сегашниот буџет на УЈП не се предвидени доволно средства за исплата. Затоа, вели таа, неопходно е носењето на ребалансот пред да се започне со исплатата на парите за второто тримесечје.

„Исплатата не може да почне додека не помине ребалансот на Буџетот бидејќи во буџетот на УЈП за 2024 година не биле испланирани доволно средства за цела 2024 година. Испланираните средства за ‘Мој ДДВ’ во најголем дел се потрошени и затоа мораме да го чекаме ребалансот на државниот Буџет и потоа да бидат испланирани средства“,
рече Петрова.
Очекувањата според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, е ребалансот на Буџетот за 2024 година да биде усвоен во втората недела од август, по што, како што вели, ќе започне консолидација на затекнатите состојби.
Денеска во Собранието продолжи амандманската расправа за ребалансот. На предлог ребалансот се поднесени вкупно 58 амандмани, а вчера не беше прифатен амандманот поднесен од СДСМ со кој се бараше да се обезбедат 200 милиони евра за зголемување на платите и надоместоците согласно обврските од законската регулатива и потпишаните колективни договори.
Денеска, пак, пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, изјави дека со предлог ребалансот на Буџетот ќе започнат клучни промени во здравството бидејќи на овој начин ќе се обезбедат финансии за почетокот на реализацијата на проектот за вработување на приватните специјализанти.
„300 специјалисти оваа, а 300 следната година ќе бидат соодветно ангажирани во здравствениот систем и на тој начин ќе се зголеми квалитетот на самата здравствена услуга. Докторите нема повеќе да ја напуштаат државата бидејќи таа ќе се грижи за нив. Во Ребалансот исто така има обезбедено средства и за проширување на позитивната листа на лекови. Првпат по 15 години, позитивната листа ќе биде проширена и македонските граѓани ќе плаќаат поевтини лекови“,
рече Стојаноска.