Поранешната пратеничка Нола Исмајлоска-Старова, во дебата на „360 Степени“ зборуваше за последните случувања во ВМРО-ДПМНЕ и повиците за смена на лидерот Христијан Мицкоски.
„Резултатот на овие избори беше нешто што се очекуваше. Кога почна моето дејствување како дел од независната пратеничка група ние предупредувавме на ова и за жал испаднавме дека бевме во право заради тоа што членството го препозна лицемерието на Христијан Мицкоски кое на неколку пати се покажуваше и во носењето на законските решенија, но и во однос на причините заради коишто ние бевме сатанизирани и животот на момент се чуствувавме дека ни беше загрозен. Сметам дека најмногу ВМРО-ДПМНЕ беше казнета од сопствените гласачи, и дополнително не успеа да биде атрактивна за некои коишто можеби претходно гласале за СДСМ, за ДУИ, за ДПА итн или коишто не излегувале да гласаат. Значи, тие единствено успеаја да отидат подолу и кај своето членство. Тоа се гледа по резултатите во сите изборни единици без исклучок“,
вели Исмајлоска- Старова.
Таа вели дека Мицкоски треба да замине од лидерската позиција на легален начин.
„Мислам дека е време, иако се сомневам дека нешто на нормален начин ќе направи тој човек, да си даде оставка и членството да си го избере лидерот. Можеби ќе го изберат него. Ако толку има поддршка од членството ајде веднаш да не оставаме новиот статут да биде на чекање, па нека гласа целото членство, нека има неколку месеци ажурирање или некој преоден период, може неколку луѓе да го спремат тој конгрес што ќе биде со повеќе делегати или да гласаат сите што ќе се ажурираат“,
вели Исмајлоска- Старова.