Вкупно 300 лица на Исланд се во карантин во домашни услови поради коронавирусот, но многумина од нив ја прекршиле наредбата да останат изолирани и биле забележани на јавни места, јавува националниот телевизиски сервис „РУВ“.
Според нивните информации, возможно е да се воведат затворски казни до три месеци за оние кои не го почитуваат карантинот.
Видир Рејнисон, од националната полиција вели дека фокусот не треба да биде на затворската казна, туку на ниската свесност кај луѓето дека можат да бидат опасни по здравјето на другите.
„Треба да бидеме разумни во оваа ситуација. Ако нашите граѓани доаѓаат од земји каде што има жаришта на коронавирусот и се советувани да бидат во карантин, треба да го почитуваат тоа. Се работи за 14 дена во домашна изолација, срамно е да не се почитува“,
додава Рејнисон.
Досега, во Исланд девет случаи се потврдени како позитивни на коронавирусот, еден од нив ги добил симптомите во Австрија, а останатите осум лица се заразиле во хотел во Италија, јавува националниот телевизиски сервис „РУВ“.
Светската здравствена организација (СЗО) во последното соопштение информираше дека во моментов има вкупно 90.893 пријавени случаи на коронавирус (Ковид-19) на глобално ниво, и 3.110 смртни случаи.
Во изминатите 24 часа, Кина пријави 129 случаи, што е најмал број од 20 јануари. Надвор од Кина пријавени се 1.848 случаи во 48 земји, а 80 проценти од случаите се во Јужна Кореја, Иран и Италија.
Вкупно 12 држави пријавиле први случаи, а во моментов има 21 земја со по еден случај. Вкупно 122 земји не пријавиле ниту еден случај на зараза.
„Сфаќаме дека луѓето се плашат и се несигурни. Стравот е природен одговор на човекот на секоја закана, особено кога станува збор за закана што не ја разбираме целосно. Но, како што добиваме повеќе податоци, сè повеќе и повеќе учиме и го сфаќаме вирусот и болеста што ја предизвикува“,
изјави синоќа директорот на СЗО, Тедрос Гербрејесус.