Ако го оставиме да се шири без контрола, новиот сој омикрон би претставувал многу значајна закана за болниците и одделенијата за интензивна нега, но и за општеството и економијата во целина, вели премиерот Мартин

За време на празничната сезона, баровите и рестораните во Ирска ќе бидат затворени од утре во 20 часот до крајот на јануари, врз основа на новите владини мерки за спречување на ширењето на ковид-19, а по појавата на новата варијанта омикрон.
„Согласно владината одлука, новите мерки ќе важат од понеделник, 20 декември, до 30 јануари, а се однесуваат на кафеаните, рестораните, спортските настани, театрите, кината и културните собири“,
изјави премиерот Мајкл Мартин.
Новите мерки ќе го намалат и максималниот капацитет на помалку од 50 проценти или максимум 5 000 посетители за настани на отворено и 50 проценти или до 1 000 посетители за настани во затворен простор.
„Ако го оставиме да се шири без контрола, новиот сој омикрон би претставувал многу значајна закана за болниците и одделенијата за интензивна нега, но и за општеството и економијата во целина“,
рече Мартин.
Ирска во петокот објави повеќе од 3 628 нови случаи, а омикрон сочинува околу 35 проценти од заразените.